“Јас Бранко Тричковски можам да го убијам и да не ми трепне око” е статусот на Фејсбук за кој на актерот и член на Извршниот комитет Тони Михајловски му прети 5-годишна затворска казна.
Основното јавно обвинителство оценило дека Михајловски повикал на физичка ликвидација и ја загрозил сигурноста на новинарот Тричковски.
Ко што рече Ѓеро на насловна “Премиерно ќе го крка Тони Шанац”. Но, животот е тркало. Час си горе, час долу. Тоа што ме има во вашите црни тефтери за отстрел, што ги спомнуваше великиот режисер, само ми е доказ дека треба продолжам како и до сега – е првичната реакција на Михајловски по информацијата дека е поднесен обвинителен предлог против него.
Статусот за кој е обвинет Михајловски, според него, е реакција на претходните пишувања на Тричковски за насилство и убивање кон високи функционери на минатата власт.
Можеби е најдобро Мицковски да се убие за секој случај: ако ги изневери вмроните, тоа ќе биде од корист за партијата, ако не ги изневери, тоа ќе биде од полза за Македонија, е една од објавите на Тричковски, за кој Основното обвинителство нема покренато пријава. Новинарот не беше достапен за коментар, но во претходна реакција по повод статусот на Михајловски вели дека поддржува кривичен прогон против него.
Пред една година, тогашниот министер за култура Алаѓозовски нареди да се поведе дисциплинска постапка против Михајловски поради овој статус, а дисциплинска постапка за заканите кон Тричковски побараа од здружението на новинари на Македонија.