Хан, Столтенберг и Ципрас се огласија веднаш – честитки од Европа по гласањето во македонското Собрание


На само еден час откако во македонското Собрание беше донесена одлуката за отворање на процесот на уставни промени, на социјалните мрежи постојано стасуваат честитки од цела Европа и од регионот.

Меѓу првите, се огласи грчкиот премиер Алексис Ципрас. „Вечерашново гласање е голем чекор кон нашиот заеднички успех“, му порача вечерва грчкиот премиер Алексис Ципрас на својот македонски колега Зоран Заев, веднаш откако македонскиот парламент ги изгласа уставните промени, кои беа услов за Преспанскиот договор. „Честитки, пријателе мој, Зоран Заев!“, напиша Ципрас на Твитер. „Вечерашново гласање е голем чекор кон нашиот заеднички успех. Мошне важен чекор кон мирна и просперитетна иднина за нашите народи!“

Медијаторот на ОН за спорот за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, исто така изрази големо задоволство за вечерашниот резултат во Парламентот. „Сакам да им честитам на сите политички сили во државата, и конкретно на нејзиното лидерство за овој важен чекор. Ова е добредојден напредок не само за вашата држава туку и за регионот и за Европа. Сакам да им честитам на сите политички сили во државата, и на нејзиното лидерство конкретно за овој важен чекор”, вели Нимиц. Тој нагласува дека особено бил воодушевен од тоа како демократскиот ситем функционирал ефективно и одговорно, како и од демократскиот дух на граѓаните.

„Се надевам дека останатите чекори ќе се одвиваат лесно за да се заврши овој процес. Ги охрабрувам сите политички лидери да работат заедно конструктивно да го финализираат договорот, и да продолжат со неговата имплементација”, рече Нимиц и додаде: „Во име на Генералниот секретар можам да ве осигурам дека Обединетите нации се подготвени да ви помогнат во овој процес, како и секогаш”.

„Голем ден за демократијата во Скопје. Им честитам на сите кои одлучија да чекорат на патот кон ЕУ“, напиша на Твитер еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. „Очекувам целосно да се почитува слободниот избор на сите пратеници, особено на оние кои вечерва поминаа низ преминот. Потребно ни е државништво, а не партиски игри“, наведува Хан во пораката на Твитер.

Хан воедно се обраќа и преку заедничкото соопштение со високата ЕУ претставничка Федерика Могерини. Порачуваат дека потребни биле политичка храброст, водство и одговорност за решавање на еден од најстарите спорови во регионот, а оваа одлука била потврдена со гласањето денеска.

„Денеска, во поранешната југословенска Република Македонија, Парламентот постигна многу важен чекор кон спроведувањето на Преспанскиот договор преку гласањето за почнување на процедурата за уставни измени. Сега очекуваме националните процедури за спроведување на договорот да продолжат без одложувања, кон усвојување на уставните измени. Европската Унија силно го поддржува историскиот договор потпишан од премиерите Заев и Ципрас во јуни. Потребни се политичка храброст, водство и одговорност за решавање на еден од најстарите спорови во регионот. Оваа одлука беше потврдена со гласањето денеска. Ова е навистина единствената можност за решително помрднување на земјата напред на патот кон Европската Унија, како и за помирување во регионот. Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува и да ја придружува земјата, сите нејзини граѓани и нејзините институции“, пишува во соопштението.„Го поздравувам гласањето на парламентот во Скопје за предложените уставни измени“, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. „Сега владините и политичките лидери треба да ги завршат националните процедури за спогодбата за името и да ја искористат оваа историска можност да ја доведат земјата во НАТО“, напиша Столтенберг на Твитер.

Претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск, исто така на Твитер со порака, но на македонски: „Еден глас еден голем чекор поблиску до заземање на местото кое ви припаѓа во нашата трансатлантска заедница”.

Честитки стасаа и од Косово. Косовскиот претседател Хашим Тачи на англиски им честиташе на Владата и на народот на Македонија за големиот напредок кон НАТО и ЕУ интеграција благодарение на гласањето во Собранието: „Косово и целиот регион ќе бидат побезбедни и попосперитетни со Скопје и Атина кои го покажуваат патот напред”.

Беџет Пацоли, шефот на косовската дипломатија напиша: „Ја поздравувам историската одлука на Парламентот на Македонија за Договорот помеѓу Македонија и Грција. Мој аплауз за пратениците за нивната храброст за тргнат напред кон евро-атлантската иднина на Македонија. Честитки за премиерот Зоран Заев и министерот Никола Димитров. Напредокот на нашите соседи е и наш!”

Албанскиот премиер Еди Рама на својот Твитер профил напиша: „Среќен роденден Република Северна Македонија“. „Искрени честитки за премиерот Зоран Заев и за сите оние кои се изборија за овој историски момент. Нова врата на иднината се отвори денес за двата наши народи во Република Северна Македонија“, напиша тој.

„Ја поздравуваме денешната одлука на Парламентот во Скопје со што се отвора процес за европска и евроатлантска интеграција на државата“, вели вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, јави БТА. „Веруваме дека тоа е најправилното и единствено одговорно решение што дава шанса за благодет на сите граѓани во регионот. Го поздравуваме секој народен претставник кој го дал гласот во корист на заедничката иднина во НАТО и ЕУ. Ќе продолжиме да бидеме најискрен и близок пријател во тој процес, се наведува во соопштение што го пренесе бугарската агенција БТА.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1