Првпат во историјата – ЕК го отфрли буџетот на Италија за 2019-та


Европската комисија го отфрли во вторникот предлогот на владата на Италија за буџетот за следната 2019 година, оценувајќи дека на „незапаметен“ начин се кршат европските правила и побара од Рим да го ревидира во рок од три седмици или ќе се соочи со дициплински мерки.

Европската комисија го стори ова првпат откако има овластувања за тоа, воведени во текот на должничката криза којашто во 2013 година ги зафати особено јужните земји членки на Европската унија, односно на еврозоната. Одлуката ја донел колегиумот на комесарите на Европската комисија, кој се состанал на маргините на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур.

„Денеска, за првпат, Комисијата е присилена да побара од една земја членка на еврозоната да го ревидира својот предлог за буџетот. Но не гледаме алтернатива, туку да побараме од италијанската влада тоа да го стори. Го усвоивме мислењето коешто на Италија ѝ дава накмногу три седмици да го изнесе ревидираниот предлог за буџетот за 2019 година“, изјави за новинарите потпретседателот на Европската комисија, Владис Домровскис.

Комисијата истакнува дека ревидираниот предлог на буџетот треба да биде во согласност со препораките на европските министри за финансии од 13-ти јули годинава. Тогаш европските министри побараа од Италија да го намали структурниот дефицит, циклично прилагоден, за 0,6 отсто од бруто домашниот производ (БДП). Предлогот за буџетот кој ЕК го отфрли го зголемува овој дефиците за 0,8 отсто од БДП-то.

Италија во понеделникот ѝ испрати писмо на Европската комисија во коешто признава дека нејзиниот предлог за буџетот ги прекршува европските прописи и правила, но и истакна дека ќе го усвои.

„Италијанската влада отворено и свесно оди против обврските коишто ги има преземено… Италија во 2017-та за каматите платила речиси 65,5 милијари евра или 3,8 отсто од БДП-то, што речиси одговара на јавната потрошувачка во образованието“, предупредува Комисијата која потсетува дека Италија има најголем долг во ЕУ од 131,2 отсто од БДП-то, според податоците од минатата 2017 година и најголеми трошоци за негово сервисирање во Европа.

Италија верува дека со зголемување на потрошувачката ќе го поттикне растот, што ќе помогне во настојувањата да се намали нејзиниот долг. Меѓутоа, ЕК смета дека прогнозите за растот се премногу оптимистички, како и дека поради тоа очекуваното намалување на долгот е контрадикторино.

„Искуството повторно покажа дека повисокиот фискален дефицит и долгот не носат долготраен раст. Според тоа, доколку послободната фискална политика се одрази на довербата, може всушност да има спротивен ефект врз растот“, рече Домбровскис.

Предупреди дека доколку Рим не го промени предлогото за буџетот во рок од три седмции, ЕК е подготвена да покрене дисциплинска постпка против Италија, којашто се нарекува процедура на прекумерниот дефицит, бидејќи не напредува во намалувањето на долгот што според европските прописи мора да го прави. Процедурата би можела да доведе до финансиски санкции коишто теоретски може да изнесуваат 0,2 отсто од БДП-то или 3,4 милијарди евра според податоците за 2017 година.

„Комисијата во мај не предложи покренување дисциплинска постапка против Италија, бидејќи таа тогаш ги почитуваше своите обврски, но ситуацијата е сега поинаква“, рече Домровскис, порачувајќи дека сега одлука мора да донесе италијанската влада.

„Почнувајќи од утре ќе продолжиме да го објаснуваме овој закон за финансиите. Претстојните седмици ќе бидат седмици на големиот дијалог со Европа и со пазарите“, изјави пред објавувањето на одлуката на ЕК, италијанскиот вицепремиер Луиџи Ди Мајо, лидер на евроскептичното и антиестаблишмент Движење пет ѕвезди, коешто е на власт зедно со десната партија Лига.

„Ќе ги сослушаме сите, но нема да отстапиме“, изјави италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини, кој е претседател на партијата Лига, во текот на неговата посета на Романија во вторникот.

Претходната италијнска влада на левиот центар, којашто на последните парламентарни избори доживеа дебакл, ветуваше јавен дефицит од 0,8 отсто од БДП-то за 2019 година, а сегашната влада предвидува дефицит од 2,4 отсто за следната година, потоа 2,1 проценти за 2020 и 1,8 отсто за 2021 година. Кога станува збор за долгот, Италија планира да го намали на 126,5 отсто во 2021 година.

Дефицитот на буџетот смее според европските правила да изнесува најмногу 3 отсто од БДП-то, а долгот 60 отсто. Италијанската влада порачува дека ќе се придржува до овие свои цели и дека нема дополнително да го зголемува дефицитот, ниту долгот. Истакнува дека не помислува да ја извади земјата од еврозоната, што инаку беше едно од размислувањата на двете партии во власта пред изборите.

Клаус Реглинг, главниот директор на Европскиот стабилизаиски механизам, институција за помош на членките на еврозоната кои имаат тешкотии, изјави во вторникот дека Италија „не е новата Грција“. „Не треба да се подлегнува на паниката… Ризикот од зараза на другите земји е многи ограничен“, додаде.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1