Заев ги објасни амандманите и очекува поддршка од 120 пратеници


Владата утврди нацрт амандмани на Уставот на РМ низ инклузивен процес. Овој процес, во оваа почетна фаза го направивме низ инклузивен процес кој претставува нова вредност во македонското општество, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција на која ги образложи нацрт амандманите кон уставните измени кои произлегуваат од договорот со Грција.

– Покрај тоа, драго ми е што преку процосет на помирување наоѓаме начини кои се зачетоци на еден процес помеѓу власта и опозицијата и во тоа светло верувам дека таа инклузивност, тоа подавање рака, ќе испрати сериозна порака до граѓаните за надминување на големите политички делби кои постојат во државата а и потребата граѓаните некогаш да нѐ видат заедно за важни прашања од интерес на државата и на иднината на сегашните и на идните генерации – рече Заев.

Тој објасни дека имале две консултативни средвби со новата пратеничка група на ВМРО-ДПМЕ и преку дебата биле утврдени нивните барања кои денеска се вградени во овие амандмани. Доцна синоќа ги споделиле со нив и доцна добиле потврда по што Владата денеска да ги утврдила нацрт амандманите.

– Разговаравме и со други пратеници, и тие имаат право да додадат амандмани на самите амандмани, не нови туку да ги подобрат уставните амандмани. Зборувам за пратеникот Панчо Минов и други, кои верувам дека ќе предизвикаме доволна мотивација да повлечат одлучни чекори и се вклучат во поголемо парламентарно мнозинство. Мојата желба е да бидеме сите вклучени, значи максимално 120 пратеници – рече Заев, кој не сакаше да открие кои други пратеници се вклучени во дебатата затоа што не знае дали ќе останат со поддршка „за“ до крајот на постапката.

Заев лично очекувал дека и Минов ќе биде тој што ќе гласа за промени на Уставот.

Тој објасни дека уставниот закон дава можност за дополнувања. Четирите амандмани се многу едноставни, ги отстраниле сите грижи, нема ништо спорно, а текстот ќе биде јавно објавен.

Задоволена е потребата од додавање дополнителен став во амандманите за потврда на македонскиот идентитет. Првиот амандман се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот освен во членот 36, каде има историски аспект. Амандманот 36 почнува со ставот: „Републиката го штити, гарантира и негува историското и културно наследство на македонскиот народ“, а членот 7 од Уставот го гарантира македонскиот јазик.

– Апелирам да продолжиме во процесот на дијалог со секој пратеник. Сите знаеме дека ниту постои можност за подобар договор ниту постои можност за друг договор. Верувам дека сите ќе се одважиме да носиме одлуки за подобар живот на граѓаните. Апелирам да продолжиме со инклузивен процес. Да дадеме причини да се вклучат максимален број на пратеници – порача Заев.

Промените на Уставот во земјава ќе стапат во сила откако грчкиот парламент ќе го ратификува Договорот и протоколот за пристап во НАТО.

– Нашата цел е на рана пролет 2019 да го завршиме потпишувањето на протоколот со НАТО. А во 2020 или крајот на 2019 година да станеме полноправна членка на НАТО.

– Вториот амандман се однесува на Преамбулата на Уставот, каде, одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор да биде конститутивен елемент на државата. Тоа е дел од конституцијата од Уставот на РМ само сега се додаваат формулации и тоа е фер кон сите помалкубројни заедници. Во четрвтиот амандман, покрај потврдување на македонскиот идентитет стои дека „Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство, и ги унапредува нивните врски со татковината“. Токму тоа е за нашата дијаспора, за која останува грижата, но на еден европски начин. Направена е една преформулација на членот 49 за да не предизвика одредени други пречки во иднина. „Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“, гласи ставот. На едноставен начин е прецизирано, но конечно е отстранета која било бојазност од двете страни во преговорите за што било во иднина да претставува пречка во градењето на пријателството помеѓу Република Македонија и Република Грција – рече Заев.

Тој додаде дека веројатно од понеделник ќе биде утврден составот и претседателот на Комисијата за помирување во Собранието, како и дека нема условеност за гласањето за НАТО и за ЕУ од пратениците од Беса кои побараа во Уставот да се внесат и други измени поврзани со албанскиот јазик.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1