Не е точно дека од 1 јануари 2019 година во Германија ќе може да се работи без соодветна виза, соопшти германската амбасада во Скопје по повод низата лажни вести што во последно време се објавуваат во медиумите во врска со постапката за работна виза.
Повеќе портали неколку месеци наназад објавуваат вест без релевантен избор, која потоа се шири по фејсбук и другите социјални мрежи дека од Нова година во Германија ќе може да се работи само со туристички престој, без виза.
„известувањата за нов закон што ќе влезе во сила од 1 јануари 2019 и на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ ќе им овозможи да се вработат во некоја ЕУ-држава под истите услови како граѓаните на земјите-членки на ЕУ, не се точни“, соопштува германската амбасада.
Од таму велат дека „на граѓаните на земјите што не се членки на ЕУ потребна им е како досега, така и по 1 јануари, валидна работна виза во Германија“.
Барањето за виза за носителите на македонски пасоши може да се поднесе само во германската амбасада во Скопје и визата се издава само таму.