Газдата на скопската менувачница кој уби двајца разбојници нема да биде гонет за убиство


Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава против едно лице, бидејќи постојат други околности што го исклучуваат гонењето, односно правото на нужна одбрана согласно чл.9 од Кривичниот законик.

Против лицето, од страна на МВР – СВР Скопје, беше поднесена пријава за кривично дело – Убиство од чл. 123 ст.3 од Кривичниот законик за настанот кој се случи на 27.11.2017 година во менувачница во Кисела Вода. Пријавениот, инаку сопственик на менувачницата, со пиштол кој го поседувал со дозвола, лишил од живот две лица кои насилно влегле, му се заканиле вооружени со пиштоли, му нанеле повеќе удари во пределот на главата и грбот и се обиделе да извршат кривично дело разбојништво во менувачницата.

Во текот на постапката, меѓу другите докази, беше прибавен и вешт наод и мислење за пресметливоста на осомничениот, во кое беше констатирано дека тој бил психофизички здрав и пресметлив, но дека во критичниот момент кај него се развил интензивен страв за сопственото здравје и живот, кој кулминирал кога двете лица влегле зад пултот на менувачницата и започнале да вршат физичко насилство врз него. Од анализата на сите докази прибрани во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител оцени дека осомничениот немал претходно формирана намера некого да лиши од живот, туку делувал исклучиво во нужна одбрана, со цел да го заштити својот живот, своето здравје и имот.

Притоа, одбраната била преземена во истиот момент кога бил и нападот и таа е сразмерна на нападот, со што се исполнети елементите на институтот – нужна одбрана, кој не дозволува лицето да биде гонето за кривично дело убиство.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1