Собраниска седница за уставните измени пролонгирана за 16 часот


Собраниската седница за уставните амандмани е пролонирана за 16 часот, извести претседателот на Собранието Талат Џафери. Тој не ја посочи причината за одложувањето на седницата.

Пратениците на денешната 75. седница ќе ги утврдуваат предлог – амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, по што следува нивно донесување па прогласување.

Пред почетокот на собраниската седница генералниот секретар на СДСМ и пратеник Александар Кирацоски на прес-конференција информира дека е обезбедена поддршка од минимум 80 пратеници за усвојување на уставните измени.

Во меѓувреме пред Собранието на Република Македонија почна и најавениот протест во организација на здруженијата „Tврдокорни” и ,,Македонија блокира“, против уставните измени.

За прогласување на амандманите е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во Законодавниот дом. По прогласувањето на амандманите пратениците треба да го изгласаат и уставниот закон за нивно спроведување.

Овие амандмани ќе бидат составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1