Кекеновски го даде Законот за јазици на Уставен суд


Професорот Јове Кекеновски денеска до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците, бидејќи смета дека Собранието го донело без потребниот број гласови.

-Имајќи го во предвид став 1 од амандманот 18 на Уставот на Република Македононија, сметам дека Собранието го усвоило овој Закон со недоволен број гласови од потребниот што императивно го побарува овој амандман, изјави Кекеновски.

При донесувањето на овој Закон, како што појасни Кекеновски, претседателот на Собранието, како и останатите собраниски органи и служби морале да го имаат во предвид фактот дека за да биде усвоен Законот потребно е двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има и мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Република Македонија, а не да биде усвоен со 69, што значи дека треба со 80 пратеника.

-Со усвоениот Закон за јазици се врши промена и истиот е во спротивност со суштината или се деградира, се надминуваат рамките на амандманот 5 или поранешен член 7 кој што е во врска со амандманот 18, меѓутоа се врши и повреда на темелните вредности на Република Македонија, поточно член 8 алинеја 3 и алинеја 9. Или, ако сакате да бидам појасен, тоа е владеење на правото и локалната самоуправа, вели Кекеновски.

Дополнително, како што истакна тој, при донесувањето на одлуката, Уставниот суд мора да го има во предвид и фактот дека Законот не е потпишан од страна на претседателот на Република Македонија и да постапи соодветно на досегашната практика каде што голем број на други закони што не биле потпишани не влегле во сила.

Според него, мора да се има во предвид и фактот дека Собранието на Република Македонја при третото читање на Закон воопшто не ги земало во предвид доставените забелешки од страна на претседателот на Република Македонија, како и поднесените амандмани од страна на пратениците во Собранието на Република Македонија.

-Прекршен е и ставот 2 на членот 173 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, поради што од денот на усвојување на Законот, значи од 11 јануари 2018 година и неговото трето читање и усвојување на 14 март 2018 година, поминати се повеќе од 60 дена иако Деловникот налага да поминат 30 дена, што значи требало да има нова процедура и отпочнување на целата постапка од почеток, појасни Кекеновски.

Со оглед на овие наведени неспорни факти, како што истакнува Кекеновски, потребно е Уставниот суд да ја усвои иницијативата, односно да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставност на Законот.

– Со оглед на фактот дека се работи за Закон со чие имплементирање можат да настанат несогледливи и тешко остранливи последици, согласно член 27 од Деловникот за работа на Уставниот суд барам при постапувањето на Судот до донесување на конечна одлука по иницијативата да донесе решение за запирање на извршувања на поединечните акти или дејствија кои произлегуваат или се преземаат врз основа на Законот што е објавен, се со цел за да подоцна не настанат несогледливи последици што не можат да бидат отстранети, изјави професорот Кекеновски по поднесувањето на иницијативата до Уставниот суд на РМ.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1