Исто како и за Договорот од Преспа со 153 гласа “За” грчкиот парламент го ратификуваше протоколот за членството на нашата земја во НАТО. Со ова стапува на сила преспанскиот договор. Протоколот беше усвоен со гласовите на пратениците на владејачката Сириза, коалициските партнери и неколку независни пратеници. Расправата во парламентот траеше 11 часа, а вечерва заврши со обраќањата на лидерот на најголемата опозициска партија Кирјакос Мицотакис и премиерот Алексис Ципрас.
– 140 години Грција никогаш не дозволи некој трет да го монополизира терминот Македонија“.Јас никогаш нема да кажам добредојде за Македонецот премиер на земјата. Очекувам вие да го кажете тоа, господине Ципрас. И очекувам господинот Апостолакис, да ѝ посака добредојде во Грција на македонската војска кога ќе имаат заеднички вежби со грчката војска. Ова го имате потпишано, рече Мицотакис.
– Денешното гласање е гласање кое затвора, според моето мислење еден важен циклус, најважниот циклус од обврските од историскиот Договор од Преспа и се однесуваат на Грција. Од утре со ратификацијата на членството, како што предвидува самиот договор, обврските повторно се враќаат кај соседите, рече Ципрас.
За гласањето на грчкиот парламент премиерот Заев на Фејсбук напиша
– Нашиот пријател, Република Грција е првата земја која го ратификуваше протоколот за членство на нашата земја во НАТО. Одиме кон гарантиран успех. Полесно е со сојузници, гордо кажуваме дека ние сме НАТО
По вечерашното гласање Грција треба и официјално да ја извести Македонија дека го ратификувала Протоколот за членство во НАТО, по што ќе следува размена на ноти помеѓу двете влади кои треба да ги информираат ООН и сите останати меѓународни организации дека новото уставно име на Македонија ќе биде Република Северна Македонија а истото име од наредната недела ќе го пишува и на Владата.
Од вечерва почнува да важи и се што беше договорено во Преспа.