Одлуката на “Google” да му ја ускрати лиценцата на “Huawei” за користење на оперативниот систем “Android” предизвикала вознемиреност меѓу корисниците на паметните телефони на кинескиот произведувач, а од двете компании порачуваат дека нема место за паника.
Од “Huawei” потврдиле за CNBC дека развиле сопствен оперативен систем за смартфони и компјутери во случај да им биде забрането користење на софтвери на американски компании, а од “Google” тврдат дека сегашните корисници на паметните телефони на “Huawei” и натаму ќе може да користат, ажурираат и симнуваат апликации преку “Google”.
Ричард Ју, главен извршен директор на секторот за корисници на “Huawei”, рекол дека компанијата има “back-up” оперативен систем, во случај да им биде ускратено користењето на софтвери од САД.
Сепак, проблеми настануваат за корисниците на идните модели и верзии на паметните телефони на “Huawei”, бидејќи оние кои и натаму ќе го користат оперативниот систем “Android” ќе го изгубат пристап до “Google Play Store”, “Gmail” и “Youtube”, како и интернет пребарувачот “Chrome”.