Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција на прес конференција ги објави деталите од обвинението.Осомничени се две лица
Но од Обвинителството на прес конференцијата не соопштија ниту иницијали поради презумпција на невиност, и не кажаа дали овој случај кој го покренаа се поврзува со денешните апсења на Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески познат како Кичеец.
Постапката започнала во мај оваа година, обвинети се две лица за примање награда за противзаконско влијание и перење пари. Од обвинителството споменаа дека во периодот од ноември 2018. до април 2019. било вршено влијание врз јавен обвинител од страна на обвинетите. Во обвинението се споменуваат и милионски суми кои обвинетите ги барале како награда.
Како што кажа обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска, првоосомничениот го искористил своето влијание кај јавен обвинител и зел 1,5 милиони евра од лице под истрага за да му ја олесни положбата. Второосомничениот овозможувал средби со лицето под истрага, кое во оваа истрага е сведок. При овие средби, кажа Рускоска, биле побарани 8 милиони евра од сведокот за да се запре кривичната постапка против него, но откако добиле 1,5 милиони евра, тие се посомневале во доверливоста на сведокот и престанале со средбите.
За првоосомничениот се води истрага и за перење пари, објасни Рускоска, затоа што претходно примените пари од сведокот ги пуштил во оптек како легално стекнати пари и купувал облека и плаќал одмори иако тоа ги надминува неговите приходи.
За двајцата до судија за претходна постапка е поднесено барање за определување мерка притвор.