Владата формира оперативен тим кој бескомпромисно ќе работи на борбата против криминалот и корупцијата со цел да биде задоволена правдата и да има целосна одговорност за сите кои учествувале или помагале криминал и корупција во минатото и сега.
Со оперативниот тим ќе раководи заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Во оперативниот тим ќе членуваат министерката за правда Рената Дескоска, заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, директор на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми, директор на Царинската управа на Република Северна Македонија, Ѓоко Танасоски, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов, досегашниот заменик директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Ариф Асани и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски.
Со оваа одлука Владата на Република Северна Македонија покажува силна решеност да не запре борбата против криминалот и корупцијата како стратешка определба.
Владата на Република Северна Македонија бескомпромисно ќе работи со цел да биде задоволена правдата и да има целосна одговорност за сите кои учествувале или помагале криминал и корупција во минатото и сега. Оперативниот тим е целосно подготвен да се стави на располагање на Јавното обвинителство и на судовите во остварување на нивните законски обврски-стои во соопштението од Владата.