Интегрален текст од обраќањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Гостивар
Да почекаме до утрешниот ден да видиме да не се премисли Заев затоа што знаете таму работите се менуваат преку ден, преку ноќ, преку секој час така што да почекаме до утрешниот ден до лидерската средба да го слушнеме предлогот на Зоран Заев да видиме што мислеше под тоа кога кажа предвремени парламентарни, брзи предвремени парламентарни избори за да можеме потоа да дадеме одговор, да видиме дали продолжува да манипулира со граѓаните и сака да ги крши законите или ќе дозволи еден фер изборен процес за да можат граѓаните да го дадат својот суд дали навистина блескаме или ќе го блесне судот на народот него и СДСМ.
Така да ја сум среќен што конечно после овие 22 месеца речиси откако како претседател на ВМРО-ДПМНЕ велам дека политиката којашто ја предводи Зоран Заев, владата на Македонија, политиките коишто ги предводат СДСМ и ДУИ се погрешни, ја водат Македонија во погрешна насока, денеска и самите тие самокритични беа и признаа дека е време за промени во Македонија, време да победи обновата и време конечно да им се стави крај на оние политичари кои со лаги и измами, со нереализирани ветувања, со неисполнети очекувања ги користи привилегиите во владата на Македонија. Доаѓа тој ден и сите ве повикувам заедно масовно тој ден да излеземе и да им ја испорачаме казната којашто за нив следува, а тоа е да бидат во опозиција, а потоа одговорност од првиот до последниот.
Пред да дојдам во Гостивар бев гостин на една радио и ми поставуваа прашања за владеење на правото, за корупцијата и криминалот . Во време кога веќе трета година принцот на корупцијата и криминалот Зоран Заев е претседател на владата во Република Македонија ние зборуваме за некои минати завршени времиња, но ако и затоа сум подготвен да зборувам и еве овде пред гостиварчани ќе го повторам тоа што го кажав на емисијата: „Секој оној којшто како политичар ја добил довербата од граѓаните, излегол, ветувал, се обврзувал, а не исполнил, не само што не исполнил туку почнал да дејствува коруптивно, криминално, секој момент којшто се засрамил пред граѓаните со своето однесување, ќе сноси одговорност без разлика од која политичка партија доаѓа, дали е тоа ВМРО-ДПМНЕ, дали е тоа СДСМ, дали е ДУИ, дали е Алијансата или било кој, доста и е на Македонија и на граѓаните на Македонија од ваков тип на политики“.
Но, ќе отвориме да видиме и не само политичарите туку и сите останати ќе видиме како е тоа возможно обвинители и судии да располагаат со богатство коешто располагаат . ќе отвориме да видиме како е тоа возможно обвинители, судии, денес ка да имаат неброен број станови, викендици, апартмани, да видиме како бизнисмените во транзицијата го пљачкосуваа народот и луѓето ги оставија на улица и стотици илјади наши сограѓани денеска имаат потежок живот поради таа транзиција, поради тоа што е нечесно и нечестито.
Ќе предложиме уставни измени, економскиот криминал да не застарува, економскиот криминал да нема век на траење, секој којшто го направил да одговара.
Ќе предложиме и ќе побараме во новата влада којашто ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ поддршка од сите политички партии и тоа ќе биде основа за формирање на идната влада, не ВМРО-ДПМНЕ, не СДСМ, не ДУИ, не Алијанса, не политичките партии, туку народот на избори да си го бира јавниот обвинител, народот д одлучи кој ќе биде јавен обвинител, а тој да биде обврзан пред народот да гони и прогонува секој којшто сторил криминал.
Доста е компромиси во политиката, доста е со политички памфлети. Овој народ е уморен од политиканство. На овој народ му треба засукување ракави и многу работа. Доста е филозофии, доста е бесцелни прес конференции, доста е лаги, доста е шарени измами. На овој народ му требаат честити луѓе, политичари коишто тоа што ќе го ветат тоа и ќе го исполнат. Затоа апелирам до политичарите во оваа предизборна кампања нека не ветуваат тоа што не можат да исполнат. Нека не го до разочаруваат народот дополнително бидејќи народот и сега ни е разочаран. Ги полнат автобусите, полни се пероните, полни се двата аеродроми со луѓе коишто трајно ја напуштаат Македонија. И овде во Гостивар и во Тетово и во Струмица и во Штип и во Гевгелија и во Кавадарци и во Охрид и во Скопје народот си оди затоа што нема надеж, затоа што преку глава му е од политичари коишто лажат, а потоа кога ќе добијат доверба крадат. На овој народ му требаат честити луѓе, луѓе со визија, луѓе коишто знаат и сакаат да направат од Македонија модерна европска држава каде што ќе се почитува и правото, законите и Уставот. Ако ги почитуваме и правото, законите и Уставот ќе има повеќе инвестиции, ќе има повеќе пари во буџетот, ќе има повеќе пари и за образованието, ќе им повеќе пари и за полицијата и за здравството, ќе има поголеми пензии, ќе има повеќе субвенции за земјоделците, но, услов број еден.
Почитувани Гостиварчани, браќа и сестри е почитување на законите и Уставот за да можат инвеститорите да дојдат и да бидат безбедни во нивните инвестиции.
Тоа е она што им треба на граѓаните. Доста е адвокатите на премиерот да даваат инструкции на обвинители, доста е судии да коленичат пред политички моќници. Не ни треба тоа. Сакаме независни обвинители и сакаме независни судии. Јас ви ветувам дека ниту еден човек, ниту еден лик којшто денеска работи во правосудството ќе нема прием те-а-те во четири очи во мојот кабинет. Нека обвинуваат и нека судат според словото на законот, тоа му треба на народот, а сите овие кои што денеска бараат милост, сите оние курири кои што доаѓаат денеска да бараат милост и од овде од Гостивар ќе им препорачам не го губете залудно вашето време. Секој кој што се огрешил пред законите и посрамотил пред граѓаните ќе одговараат. Од прв до последен. Нема компромис со правдата, нема компромис со законите.
А, вас Гостиварчани, драги браќа и сестри, и оние кои што не се од Гостивар, а кои што денеска се дојдени, гледам ногу луѓе од Скопје, гледам и од Тетово овде со нас, сакам да ви порачам немојте да губите надеж, доаѓаат подобри времиња. Доаѓа обновата на Македонија. Немојте да се разочарувате, јас сум апсолутно свесен дека можеби ние како политичари во генерална смисла на зборот сме ја изгубиле довербата помеѓу поширокиот народ.
Но дајте ни шанса, дајте и шанса на програмата која што ќе ја претстави ВМРО-ДПМНЕ. Дајте им шанса на тие луѓе да кажат тоа што имаат ако погрешиле искритикувајте ги, нема да ја веднат главата. Подобро да ја наведнеме главата од срам, ако сме погрешиле отколку да се опираме на тоа што не е вистина.
Критикувајте, сугерирајте, пишувајте ја со нас програмата, затоа се и овие „Разговори за обнова на Македонија“ , да се видиме вака очи во очи, гради во гради, да позборуваме отворено. Не да се криеме во кожните фотелји во нашите кабинети, или да ги газиме оние скапи и луксузни килими во Владата или во другите институции.
Вака ќе биде и кога ќе ја формираме Владата, вака отчетно на плоштадите ќе кажуваме што сме направиле, па вие судете и пресудувајте. Но, ако сме направиле добро и ако сме го исполниле тоа што сме го ветувавме тогаш пофалете не. Тоа ќе ни биде дополнителен мотив за да запнеме во посилна брзина и да дадеме уште плус некој атом од нас. Не губете надеж. Сите оние коишто во овој момент изгубиле надеж мислат дека сите се исти, не се сите исти. Има различни. Ние сме поразлични од Зоран Заев и тие околу него неколкумина обожаватели. Немојте да бидете жртва на пропагандата на СДСМ. Немојте да бидете жртва на овие арамии коишто со камиказа политики сакаат да си купат уште плус некој ден во нивната политичка биографија. Излезете на избори, поддржете ја обновата за Македонија, поддржете ја платформата каде што македонизмот ќе биде прв столб на којшто ќе се темели нашата програма.
Македонизмот но не како ексклузива на македонскиот народ, македонизмот како љубов кон татковината во којашто сите ние, сите вие сме се родиле. Татковината којашто не огледала и ни дала можности да напредуваме во нашите животи. Таа ни е се и треба да се бориме и се што можеме и се што е во наша моќ да дадеме за нашата таковина Република Македонија, без разлика дали сте Македонци, без разлика дали сте Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци никој нема ексклузивно право на македонизмот. Сите вие треба да се борите и да се заштитува тој македонизам. Сите вие,без разлика на верската и етничката припадност. Ова е наша заедничка држава и од првиот до последниот треба ние да се бориме. Тоа е она за кое јас денеска сакам да зборувам. Тоа е она а кое ќе продолжиме да го зборуваме секаде каде што ќе одиме во Македонија.
Нула толеранција за корупцијата, владеење на правото, закони без разлика на партијата, почитување на државниот суверенитет и интегритет, македонизмот назад кај сите граѓани на Македонија без разлика на етничката припадност.
Силни индивидуи за силно општество .Ве молам поддржете ја оваа наша теренска активност, дајте сугестии, напишете некој проблем за да можеме ние да бидеме креативни и да понудиме решенија. Тоа е она коешто нас не мотивира денеска да ги полниме плоштадите, да сме присутни во маалата, на улиците да тропнеме на вратата на нашите соседи. Дојдете со нас. Ајде заедно да ја пишуваме програмата и вие бидете дел од идната предизборна програма на ВМРО-ДПМНЕ. Повелете, придружете ни се. Сите коишто мислат дека ова што денеска го прави Зоран Заев е погрешно, без разлика на партиската припадност, без разлика на етничката припадност, дојдете рамо до рамо со нас, придружете ни е да ги поразиме овие луѓе коишто денеска се во владата на Македонија.
Доаѓа обнова за Македонија, доаѓа нова надеж, доаѓа ново утро, затоа и покрај сите разочарувања глава горе и да одиме заедно кон новите победи.
Да сте здрави и живи!
Да ни е вечен и вековит Гостивар!
Заедно обединети еден до друг, рано до рамо да победиме, а јас ви ветувам сигурна и убедлива победа на следните предвремени парламентарни избори.
Интегрален текст од обраќањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Гостивар