Една жена се наоѓа во критична состојба откако била застрелана во зградата на Конгресот, во која упаднаа приврзаниците на Доналд Трамп, прекинувајќи ја седницата на која Џо Бајден требаше да биде потврден за нов претседател на САД. Засега се нејасни околностите на пукањето.
Американските медиуми објавија дека во судирите се повредени неколкумина полицајци, од кои најмалку еден е превезен во болница.
Снимките од местото на настанот покажуваат демонстранти како кршат прозорци на Капитол и влегуваат внатре. Полицијата во меѓувреме успеа да ја смири ситуацијата во крилото каде што е сместен Сенатот и оттаму да ги избрка упаднатите демонстранти.
„Насилството и уништувањето што се случуваат во Конгресот мора веднаш да престанат. Почитувајте ги силите на редот и веднаш излезете надвор“, напиша Пенс на Твитер.
Портпаролката на Белата куќа, Кејли Мекенени, изјави дека Трамп им наредил на Националната гарда и на други федерални служби да помогнат во смирувањето на нередите во Вашингтон.
Доналд Трамп ги повика демонстрантите да останат смирени.
„Поддржете ја нашата конгресна полиција и силите на редот, тие се на страната на нашата земја. Останете смирени!“, напиша Трамп на Твитер.