Нема пропусти во работата на директорот на струшката болница д-р Мухамед Асани за случајот со родилката која загуби три органи, бубрег, матка и јајник, констатира Лекарската комора.
Оттаму не сакаа да коментираат или дадат повеќе информации. Но Министерството за здравство испрати детали од извештајот на Комората.
Според стручниот наод, Јилдиз Веапоска била соодветно примена и адекватно подготвена за породување.
-Лекарската екипа инволвирана во лекувањето и третманот на пациентката соодветно и навремено реагирала при првите знаци на влошување на општата здравствена состојба на пациентката и ги искористила сите расположливи ресурси на болницата за адекватно згрижување на пацинетката во услови на живото-загрозувачка состојба, се вели во дописот кој го испрати Здравство.
Увид бил направен и во Скопје, а ниту таму не се утврдени пропусти.
Од моментот на приемот до моментот на исписот таа е третирана согласно постоечките медицински норми и стандарди. Сите преземени мерки се во насока на стабилизација и подобрување на здравствената состојба на пацинетката, појаснуваат од МЗ, повикувајќи се на извештајот од Комората. Иако вети, Асани, кој се уште е прв човек на струшката болница, ниту денеска не го коментира случајот. Првично уверуваше дека изјава ќе даде кога ќе заврши вештачењето. Но денеска не одговори ниту на повиците, ниту на СМС пораките од Сител.
Веапоска не го признава извешајот и бара стручно медицинско појаснување како таа останала без три органи.
-Дали е ова нормално, ни јавноста, ни никој да не знае кои се од Лекарската комора докторите што го вештачат ова, што треба да одлучат дали има лекарска грешка или нема. Никој не знае, но докторот, директорот знае кој е во Комисијата. Јас не го прифаќам ова бидејќи сите доктори што биле, се Албанци. Ниту немало Македонец. Заминав здрава и права во Струга на породување. Заминав да се породам, а по породувањето излегувам без бубрег, без матка и без јајник. И тоа се будам на КАРИЛ. Нека излезе Лекарската комора јавно нека образложи медицински зошто се тргнати тие органи, ако немало лекарски пропуст. Тогаш што може да има?, прашува Веапоска.
Семејството поднесе Кривична пријава против д-р Асани, но Веапоска вели дека досега не била повикана во Обвинителството за да даде свој исказ за случајот. Единствено, била повикана за случајот со нелегалната ординација на Асани која се наоѓа во неговиот дом, но само во улога на сведок.
Од Обвинителството, пак, уверуваат дека активно се постапува по двата предмети. И за илегалната ординација и за случајот со Веапоска.
Појаснуваат дека се сослушуваат лица кои можат да дадат податиц, се прибираат материјални и вербални докази, а откако сето тоа ќе се комплетира, ќе се направи анализа и ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за двата предмети.