Лекарите од скопската Брза помош, Ургентниот Центар и дежурните на КАРИЛ кои учествувале во прифаќањето, транспортот и третманот на починатиот ракометар Денис Тот во текот на денот треба да ги достават своите изјави во Државниот санитарен и здравствен инспекторат во каква состојба бил најден и примен во болница ракометарот.
Инспекторите вчера извршиле увид во документацијата како лекарски бил третиран 28 годишниот спортист, а го чекаат и обдукцискиот наод од Судска медицина за да го комплетираат извештајот од вонредниот инспекциски надзор кој го иницираше министерот за здравство по различните информации дали имало или не видливи траги на насилство врз телото на ракометарот.
И денеска продолжија партиските препукувања за случајот со младиот ракометар.
Од ВМРО ДПМНЕ ја обвинија власта дека го прикрива убиството и го повикаа министерот Спасовски да излезе до крајот на денот и да ја каже вистината.
-Според нашите сознанија во најблиското опкружување имало полиција која не регистрирала убиство, туку природна смрт на млад човек.
Оттука одговорноста на МВР и Спасовски е уште поголема, бидејќи негови екипи биле директно присутни на терен.
Наместо да спречи, или во најмала рака веднаш да го расчисти случајот, МВР на Спасовски пуштила да избега убиецот, вели Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ.
Од СДСМ вратија дека од МВР постапиле соодветно во расчистување на случајот.
Срамно и неодговорно е ВМРО-ДПМНЕ да политизира убиство, особено по информациите дека лицето по кое се трага е поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ. Што зборуваат фотографиите на кои лицето по кое се трага е сликано со Христијан Мицкоски, по истата изместена логика на ВМРО-ДПМНЕ?
ВМРО-ДПМНЕ да престане да си ја ишка мувата од капата и да остави надлежните институции да го расчистат до крај убиството кое го потресе регионот, стои во соопштението од СДСМ.
Ракометарот од Хрватска кој играше во скопскиот клуб Бутел ќе биде погребан утре во неговото родно Ѓаково.
Првичните информации говореа дека починал од срцев удар, но после обдукцијата како причина за смртта беа наведени повреди на главата и мозокот. Според обвинителството и кога паднал после првиот удар пред дискотека во градскиот парк тројцата напаѓачи намсето да му помогнат продолжиле да го удираат.