„Сигурната куќа“ на Хелсиншкиот комитет од пред еден месец е новиот дом на 28 годишната Хелена, транс жена и дрег кралица од Скопје. Шелтер центарот за помош на ЛГБТИК+ жртвите на насилство и во ризик од бездомништво по втор пат за период од една година и ги отвори вратите на Хелена. Првиот пат, побарала засолниште во „Сигурната куќа“ пред една година, кога сопственикот на станот каде живее под кирија решил да го продава.
„Немав каде да одам, немам никакви релации со семејството. Разговарав со лице од невладината организација „Трансформа и ми дадоа контакт од местото. Не знаев дали ќе исполнувам услови да дојдам. Ми беше страв дека ќе останам на улица“, се сеќава таа.
Вториот пат, кога повторно побарала прибежиште е поради почувствуваниот страв од газдите на станот каде престојувала.
„Газдата дојде ненајавено за да поправа нешто. Перики, костими, се беше видливо во станот, бидејќи работите стоеја на фотелја. Се почувствував како да ме гледаат без облека. Ми се наруши приватноста и ме завладеа страв што може да ми се случи утре. Затоа, го напуштив станот“, вели Хелена.
Во „Сигурната куќа“ е веќе еден месец. За себе вели дека важи за дрег кралица која има влијание кај заедницата. Таа имаше и перформанс на годинешната Парада на гордоста. Работи во компанија за продажба и вели дека тоа е предност бидејќи не мора да се занимава со сексуална работа за да преживее.
„Да се биде транс лице е тешко во државата. Кај нас нема сензибилизирани фирми за тоа. Да беше земјата идеална за живот на квир лицата, ќе живееја тука и нема да се иселуваа“, е нејзиниот став.
При нејзиното згрижување уште минатата година, Хелена заедно со тим од „Сигурната куќа“ пополнила барање и го доставила до Центарот за социјална работа во Скопје за добивање финансиска поддршка. Но, била одбиена. Сега, откако втор пат животот ја доведе повторно тука, вели дека воопшто и не ја започнала постапка, велејќи дека исходот и е однапред познат.
„Тие бараат видливи траги на насилство. Но, мора да се има предвид дека постои и психичка тортура. Сум имала искуство на апликација за запознавање каде имав сериозни закани за живот. Едноставно, институциите не се сензибилизирани за вакви случаи. Имам и блиски кои трпат и семејно насилство. А кога транс лицата собираат храброст да пријават во МВР, полицијата им се смее“, ни изјави Хелена.
Социјалните центри го препознаваат само физичкото насилство
Во последните две години, во „Сигурната куќа“ засолниште добиле 12 корисници. Но, само едно лице сместено во шелтерот успеало да добие институционална финансиска поддршка од државата.
Процедурата е следна: жртвата мора лично да го пријави случајот во Центар за социјални работи. Најчесто, во бирократските лавиринти им помага Ивана Костовска, социјален работник и менаџерка во „Сигурна куќа“. Во пријавата вели дека мора да се наведе познат сторител, што го извршил физичкото насилство.
„Што да правиме со луѓето кои доаѓаат кај нас и се жртви на околината? Не мора да биде исклучиво физичко насилство, но, за нив е најлесно за да го прифатат и одобрат. Кога сме оделе да пријавуваат психичко насилство, тие им велат дека немаат доказ. Останува на нас како придружба која доаѓаме со жртвите да се избориме за нив во институциите. Спецификата во ова е што институциите бараат корисникот да пријави насилство. Ние имаме истражувања покажуваат дека од 86% од ЛГБТИК+ заедницата нема доврба во институциите и не го пријавува преживеаното насилство“, вели Костовска.
Искуството на „Сигурната куќа“ покажува дека жртвите се обраќаат за помош до шелтерот, но, кога ќе им биде предочено дека случајот мора да се пријави, огромен дел од нив се откажуваат во старт. Тоа е затоа што се доаѓа во ситуација кога жртвите треба да пријават член од семејството.
„Во ваква ситуација, изгубија корисниците кои не ја добија нашата услуга и не знам кај се. Со некој од нив контактираме, но со некои не знаеме каде се, што прават, како живеат и колку е тоа безбедно за нив“, вели Костовска.
(Не)реална поддршка од министерството
„Сигурна куќа“ втора година по ред потпишува управен договор со Министерството за социјална политика, демографија и млади. Шелтерот нуди социјална услуга на привремен престој, обезбедувајќи привремено прифаќање и згрижување на жртвите, кое може да трае три месеци, со можност за продолжување за уште три месеци, а во исклучителни случаи најмногу до 1 година.
Се објавува конкурс, па шелтерот аплицира со програма за тековната година и се носи одлука дали министерството би потпишало договор. Но, шелтерот не добива фиксна сума од институцијата како државна помош, туку по корисник со амин на поднесената документација. Тоа значи дека за две години, само едно транс лице успеало да добие финансиска поддршка од државата, но не и шелтерот кој се грижи за жртвите.
„Невозможно е да кажете дека го поддржувате шелтерот, ако имате смислено некоја математика по корисник. Нас не притиска обрачот на финансии. Државата наместо да не гледа како ресурс кој му дава заштита на еден човек од доаѓањето кај нас до излегување од шелтерот, ни велат вие работите само времено домување. Ако ние ги сместуваме само луѓето кои ќе сакаат да пријават, на крај доаѓаме дека потреба за шелтерот има по еден корисник годишно и излегува дека на сите им е добро, што е далеку од реалноста“, вели Костовска.
Решението го гледа во променета досегашна пракса – односно државата да им дава фиксни пари на сервисите кои работат со маргинализирани категории. Бидејќи како што вели, нивниот опстанок не зависи од случај на корисник, тука се и трошоците за кирија за центарот во кој се сместуваат корисниците, а се чува како тајна од надворешниот свет, одржувањето, тековните трошоци, како и плати за лицата во шелтерот кои им помагаат на дојдените корисници во процесот на ресоцијализација.
Законот го препознава и психичкото насилство, ама само на хартија
Согласно Законот за социјална заштита предвидена е социјална услуга привремен престој во Центар за жртви на родово базирано насилство – „Сигурна куќа“. Министерството за социјална политика, демографија и млади најмалку еднаш годишно сметано од 2019 година објавува јавениот конкурс за доделување средства на здруженија и приватни даватели на социјални услуги.
Од министерството одговараат дека стручните лица од надлежниот центар за социјална работа во случај на пријава на насилство прават проценка на ризик согласно Правилник за начинот на спроведување на проценка на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство и на ризикот од повторување на насилството. Сепак, од институцијата не одговорија конкретно на прашањето на што се должи малиот број на одобрени барања за финансиска помош.
„При проценката на ризикот, стручните лица ги земаат во предвид околностите кои се специфични за секој поединечен случај. При предлагањето на мерките, активностите и услугите, се водат од индивидуалните потреби на жртвата за спречување и заштита од насилството и врз основа на ова носат и Решение за сместување на жртвите. Оваа услуга е наменет за сместување и згрижување на жртви на семејно насилство, родово базирано насилство и жени жртви на сексуално насилство, при постоење на отворена опасност и закана за нивниот живот и здравје, заради примена на физичка сила, закана или заплашување од друг член на семејството, партнер односно познат сторител“, велат од министерството.
Од таму ги наведуваат законските одредби за тоа како се третира жртвата, но не одговараат конкретно на прашањата во однос на минималниот број одобрени барања за финансиска помош и дали Центрите за социјална работа прифаќаат генерално случаи во кои има познат сторител и физичко насилство, но не и психичко насилство бидејќи тоа е најлесниот начин за одобрување на барањето за помош.
„Сигурната куќа“ функционира од декекври 2016 година кога е официјално отворена. Првиот корисник го сместен во мај 2017 година. Во неа досега биле сместени повеќе од 60 корисници, од кои најголем дел се успешно ресоцијализирани и реинтегрирани во општеството. Според структурата на корисниците, за помош статистички најмногу се обратиле геј лица, а во последните две години со замавот на антиродовите движења, се почесто помош бараат и транс жени.
Петар К.