Доналд Трамп е избран за нов американски претседател. Го надмина бројот од 270 електори колку што му се потребни за да го добие новиот четиригодишен мандат. Вети многу работа и ја најави златната доба за Америка.
Доналд Трамп е избран за 47. претседател на Соединетите Американски Држави, враќајќи се на функцијата по четиригодишна пауза. Трамп на овие избори извојува победа над актуелната потпретседателка Камала Харис, освојувајќи мнозинство гласови во неколку клучни „свинг“ држави.
Во своето обраќање по победата, истакна дека ќе се фокусира на запирање на војните и враќање на американските трупи дома, со што најави промени во надворешната политика на САД.
„Ова е политичка победа каква што Америка никогаш не видела. Сакам да му се заблагодарам на американскиот народ што ме избра за 47-ми претседател и 45-ти претседател. Можам да му кажам на секој граѓанин дека ќе се борам за вас, вашите семејства и вашата иднина, ќе се борам со секој здив од моето тело, нема да застанам додека на Американците не им ја дадеме слободната и просперитетна земја каква што заслужувате. Ова ќе биде златното доба на Америка, ова е славна победа која ќе ни овозможи повторно да ја направиме Америка голема“, рече Трамп во обраќањето до нацијата.
Неговата противкандидатка актуелната потпретседателка Камала Харис се уште не го призна поразот. Од нејзината кампања известија дека таа на јавноста ќе и се обрати утре.
Светските лидери му ја честитаа победата на Трамп. Макрон и Шолц разговараа и телефонски за да го зајакнат европското единство, откако претходно и двајцата му ја честитаа победата на Трамп. Честитки стигнаа и oд претседателката на ЕК Фон Дер Лајен и речиси сите европски лидери.
Со враќањето во Белата куќа, Доналд Трамп ќе стане најстариот човек во американската историја на функцијата претседател. Кога ќе положи заклетва, по правило, на 20 јануари 2025 година ќе има 78 години и 220 дена. Актуелен рекордер е неговиот претходник Џо Бајден – тој на 20 јануари 2021 година имаше 78 години и 61 ден.
Американскиот претседател Џо Бајден денеска му се јави на новоизбраниот претседател Доналд Трамп и му ја честита победата. Бајден го покани Трамп да се сретне со него во Белата куќа.