Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев на денешната собраниска седница најпрвин влезе во вербална расправија со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Зоранчо Јованчев, а потоа фрли и слушалки накај него и се обиде физички да се пресмета.
Апасиев видно изнервиран извикуваше до Јованчев да не му се повтори да го споменува неговото семејство. Интервенираше и собраниското обезбедување. Во исто време и пратеникот од Левица, Борислав Крмов, со пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ, Александар Велјановски, за малку не си разменија тупаници.
Собранискиот спикер Африм Гаши со цел да ја смири ситуацијата даде пауза.
Инцидентот настана кога пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, од собраниската говорница едно од пратеничките прашања му го постави на премиерот Христијан Мицкоски, иако во писмото до собранискиот спикер најавил дека прашања ќе поставува единствено до министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски
На ова со забелешка се јави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, кој обвини оти пратенците од Левица ја злоупотребуваат новата алатка – поставување пратенички прашања од опозицијата, која е различна од редовните. Пратеникот Апасиев од место дофрли дека се работи за техничка грешка