Владата донесе две важни одлуки, намалување на ДДВ за горивата и ослободување на количини на мазут од државните резерви, со цел да се спречи зголемување на цената на производите и на електричната енергија, информира денеска на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски, по владината седница, посветена на мерките за ублажување на ценовниот скок на горивата. Мицкоски нагласи дека донесена е и одлука за прогласување на кризна состојба на целата територија, со цел да се овозможи соодветно законско постапување и институциите да можат ефикасно да ги спроведуваат мерките.
Со одлуката на Владата, почнувајќи од понеделник на полноќ ДДВ-то за нафтените деривати се намалува во наредните две недели од 18 на 10 отсто што значи намалување на цената на горивата од 6 до 7 денари по литар.
-Имаме план, не само со еден или два чекора, туку со цела низа разработени сценарија, доколку кризата се влоши или продолжи. Нашите пресметки покажуваат дека, доколку Владата не интервенираше, Регулаторната комисија во понеделник ќе донесеше одлука за ново поскапување на дизелот од 10,5 денари по литар, како и зголемување на цените на безоловните горива за 6 денари – што ќе значеше дополнително оптоварување за граѓаните, истакна Мицкоски.
Очекува дека Регулаторна комисија утре да ја има предвид оваа одлука на Владата и оти нема да ја зголеми цената на горивата и додаде дека електроенергетскиот сектор во државата е стабилен.
Тој истакна дека во услови на глобална криза, државата не смее да биде дополнителен товар и додаде дека Владата директно им излегува во пресрет на граѓаните и бизнисите кои веќе го чувствуваат притисокот.
Овие одлуки се директен одговор на барањата и реалните потреби на граѓаните и компаниите. Намалувањето на даноците значи веднаш пониски цени на горивата. Тоа е најбрзиот начин да се ублажи ударот и да се спречи ширење на поскапувањата низ целата економија. Ова е интервенција што го прекинува синџирот на поскапувања. Со стабилизирање на цената на горивата, се штитат и цените на храната, транспортот и услугите, нагласи премиерот.
Мицкоски истакна дека Владата јасно повикува на одговорен однос од трговците и производителите.
-Во време на криза, никој нема право да гради профит на грбот на граѓаните. Ќе има засилени контроли на пазарот. Секој обид за злоупотреба, вештачко зголемување на цените или брза заработка во овие услови ќе биде откриен, разобличен и санкциониран. Ќе продолжиме будно да ја следиме состојбата. Сите европски држави, како и земјите во светот, се соочија со ценовни шокови кај горивата, кои вртоглаво растат, како и со ризици од зголемување на цената на електричната енергија. Поскапувањето на горивата претставува значаен инпут и директен удар врз семејните буџети на граѓаните. Слободниот проток на нафта е нарушен. Постојат држави кои се соочуваат не само со ценовни шокови, туку и со недостиг на нафтени деривати за нормално функционирање на нивните системи. Македонија е дел од европскиот и светскиот синџир, нагласи Мицкоски.
Премиерот додаде дека Владата будно ја следи состојбата и постојано е во координација со сите засегнати страни и дистрибутери на овие деривати. Додаде дека и покрај ваквите околности, мораме да бидеме свесни дека Македонија има едни од најниските цени на дериватите во регионот – пониски од Србија, Косово, Хрватска, Бугарија, Грција, Словенија и други држави.
-Но, секое зголемување на цените на горивата претставува сериозен товар за секој семеен буџет. Како премиер, но и како човек кој ги разбирам потребите на граѓаните, сакам да потенцирам дека Владата ќе делува секогаш кога за тоа ќе има простор, нагласи премиерот.
Тој посочи дека Владата очекува Регулаторната комисија да ја земе предвид донесената одлука за намалување на ДДВ од 18 на 10 проценти, со што нема да има значително зголемување на цените на бензините, а дизелот ќе се движи во рамки на предвидените пресметки.
„Цената на бензините ќе се движи од 1,37 до 1,44 евра за литар, а дизелот од 1,52 до 1,55 евра за литар, што е убедливо најниска цена во регионот“, истакна Мицкоски.
Тој направи споредба со соседните земји, посочувајќи дека во Србија бензинот достигнува до 1,83 евра по литар, дизелот околу 1,8 евра, во Хрватска до 2 евра, додека во Грција и Албанија цените се околу 1,9 евра по литар.
Според премиерот, токму поради пониските цени во Македонија, забележан е зголемен притисок од граѓани од соседните земји кои доаѓаат да точат гориво, што ја зголемило потрошувачката за околу 9 проценти, односно дополнителни 150.000 литри дневно.
Најголем притисок, како што рече, има во пограничните општини како Дебар, Струга и Охрид на западната граница, како и Битола и Гевгелија на југ и Куманово на север.
Мицкоски нагласи дека Владата очекува стабилизација на цените, при што не се предвидува зголемување на бензините, а евентуалните корекции кај дизелот ќе бидат минимални.
„Со овие мерки директно од буџетот учествуваме во подобрување на стандардот на граѓаните“, изјави премиерот.
Тој додаде дека мерките ќе важат во наредните две недели, почнувајќи од понеделник, со можност да бидат продолжени доколку има потреба.









