Државниот завод за ревизија утврдил повеќе неправилности во работењето на Академијата за судии и јавни обвинители во текот на 2024 година. Иако ревизорите дале позитивно мислење за финансиските извештаи, за усогласеноста со законите и прописите изразиле мислење со резерва поради низа утврдени пропусти.
Меѓу најсериозните забелешки е начинот на исплата на надоместоци за членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет. Ревизијата утврдила дека дел од членовите добивале целосни месечни надоместоци без оглед на тоа дали присуствувале на седници, а во одредени случаи исплатите биле вршени и пред самото одржување на седниците. За членовите на Управниот одбор, според ревизорите, така биле исплатени најмалку 211 илјади денари повеќе од законски дозволеното.
Кај Програмскиот совет биле исплатени 747 илјади денари за месеци во кои воопшто не биле одржани седници. Ревизорите оценуваат дека ваквата практика не е во согласност со Законот за Академијата.
Дополнителни 2,1 милион денари поради доцнење на обуката
Ревизијата констатирала дека втората фаза од почетната обука за осмата генерација идни судии и обвинители завршила три месеци подоцна од законски предвидениот рок. Наместо до крајот на јули 2024 година, обуката траела до октомври.
Поради ова биле исплатени дополнителни 2,1 милион денари за ментори и координатори. Од нив, 1,8 милиони денари биле исплатени на ментори, а речиси 300 илјади денари на координатори.
Ревизорите утврдиле и дека дел од договорите со менторите биле потпишани дури по завршувањето на периодот на менторирање.
Во извештајот се наведува дека на 111 координатори им биле исплатени околу 970 илјади денари, иако нивниот статус и правото на надоместок не се предвидени во Законот за Академијата. Дополнително, членови на комисии за оценување на практичната настава добиле надоместоци во вкупен износ од 353 илјади денари, иако законот не предвидува исплата на ваков вид надоместок.
Ревизорите утврдиле дека тројца вработени оствариле вкупно 864 часа прекувремена работа, што е за 294 часа повеќе од законски дозволениот максимум. Воедно, Академијата не го известила Државниот инспекторат за труд за воведување прекувремена работа, како што налага законот. Во еден случај било утврдено дека на вработен му бил исплатен прекувремен труд за денови кога бил на службен пат во странство и веќе примал дневници.
Гориво за приватни возила без евиденција
Особено внимание привлекува и начинот на користење на картичките за гориво. Академијата набавила картички во вредност од 325 илјади денари, а дел од нив биле дадени на членови на комисии кои ги користеле за точење гориво во приватни возила. Ревизијата утврдила дека не постоела никаква евиденција кој ги користел картичките, за која намена и во кој износ.
Кај јавните набавки ревизорите утврдиле дека во тендер за кетеринг услуги бил поставен услов понудувачот да располага со ресторан од прва категорија со четири ѕвезди и капацитет од најмалку 60 лица, критериум кој не бил директно поврзан со предметот на набавката.
Дополнително, во текот на 2024 година биле набавени стоки и услуги во вредност од 418 илјади денари без спроведување постапка за јавна набавка, иако законот го наложувал тоа.
Ревизорите отворија прашања и за приемот на новата генерација
Во посебен дел од извештајот ревизорите ги нагласуваат проблемите околу приемот на деветтата генерација слушатели во Академијата. Постапката започнала во 2023 година за прием на 130 кандидати, но била проследена со правни, организациски и технички пречки, по што Управниот одбор на крајот на 2025 година го поништил огласот. Во меѓувреме кандидатите ја тужеа Академијата и нивните жалби последно беа пред Вишиот управен суд.
Огласот за прием на деветтата генерација слушатели во Академијата за судии и јавни обвинители беше распишан во 2023 година, но постапката никогаш не заврши. По спроведувањето на дел од приемниот испит, процесот беше запрен во пресрет на претседателските и парламентарните избори во 2024 година.
По претставка поднесена од тогашната кандидатка за претседател Гордана Сиљановска-Давкова, Државната комисија за спречување на корупцијата оцени дека постапката треба да биде ставена во мирување бидејќи завршува со вработување, што според Изборниот законик не е дозволено за време на изборен процес. Одлуката на Антикорупциската комисија подоцна беше потврдена и од Управниот и од Вишиот управен суд. Но, и по завршувањето на изборите, постапката не продолжи. Новата влада ги запре сите постапки за вработување започнати во претходниот период, а Академијата во повеќе наврати соопштуваше дека не добила финансиска согласност и средства за да го доврши приемот на новата генерација. Така, институцијата чија основна задача е да создава нов кадар за судството и обвинителството остана без нова генерација слушатели повеќе од една година по завршувањето на обуката на осмата генерација.









