Од денеска, 9 ноември, почнува примената на новите стандарди во домашниот денарски платен промет. Денарските сметки ќе се прикажуваат во ИБАН-формат, досегашните уплатници се заменуваат со нови платни налози, а се менуваат и шифрите за намената на плаќањата.
На пример, досегашната шифра 262, за „Други неспоменати плаќања на правни субјекти“, се заменува со NOWS — „Ненаведено“.
Промена има и кај една од широко применуваните шифри за останати плаќања. Досегашната шифра 930 се заменува со ознаката OTHR, која означува „Останато“.
Досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53 се заменуваат со стандардизирани платни налози во хартиена и електронска форма. Се менуваат распоредот и содржината на полињата, а кај одредени налози ќе се бараат и адресни податоци за плаќачот и примачот.
Новите кратенки:
ВГ — внесување готовина, наместо досегашниот ПП10;
ПГ — повлекување готовина, наместо досегашниот ПП40;
КТД — кредитен трансфер во денари, наместо досегашниот ПП30
Постојниот број на денарската сметка останува ист. При прикажувањето во ИБАН-формат, пред него се додава префиксот „MK07“. Граѓаните и фирмите нема потреба да отвораат нови сметки или да ги префрлаат средствата. Приспособувањата во електронското и мобилното банкарство ги прават банките, а клиентите треба да ги следат упатствата на својата банка за внесување на бројот на сметката.








