Премиерот Христијан Мицкоски е оптимист дека Алта банка ќе биде спасена од стечај и дека наскоро ќе добие нов сопственик.
Тој денеска изјави дека изминатите денови лично бил ангажиран во изнаоѓање решение за банката и очекува нејзино преземање од друга финансиска институција.
„Голем оптимист сум дека ќе имаме финансиска институција, банка, која ќе биде сопственик на Алта банка. Значи, ќе ја спасиме банката. Тоа е многу важно и за доверителите и за луѓето кои имаат некаква релација со банката“, изјави Мицкоски.
Премиерот повторно ја обвини опозицијата дека водела кампања за создавање паника и посакувала банката да заврши во стечај.
Според него, таквото сценарио нема да се реализира, а опозицијата ќе биде разочарана од позитивниот исход.








