Повеќе од половината домаќинства во Македонија немаат деца, а нивниот удел во вкупниот број во 2025 година достигнал 66,1 процент. Од друга страна, 33,9 проценти од домаќинствата имале издржувани деца, покажуваат најновите податоци на Евростат за структурата на домаќинствата.
Според статистиката, во земјава минатата година биле регистрирани вкупно 595.600 домаќинства. Од нив, 393.400 биле без деца, додека 202.200 имале издржувани деца.
Интересно е што Македонија отстапува од европскиот просек. Во Европската Унија дури 76,6 проценти од домаќинствата немаат деца, а само 23,3 проценти имаат издржувани деца.
Дополнително, просечниот број деца по домаќинство во Македонија изнесувал 0,60, што е за една четвртина помалку во споредба со 2015 година, кога просекот бил 0,80.
Македонските домаќинства се поголеми и според бројот на членови. Просечната големина се движи меѓу 3,1 и 3,2 лица, наспроти европскиот просек од околу 2,3 члена.
Податоците на Евростат покажуваат дека во Европската Унија продолжува трендот на намалување на домаќинствата со деца. Нивниот удел од 26,9 проценти во 2010 година се намалил на 23,3 проценти во 2025 година.
Истовремено, расте бројот на домаќинства во кои живее само едно возрасно лице без деца. Нивниот удел во ЕУ се зголемил од 33,6 проценти во 2015 година на 37,5 проценти во 2025 година. Наспроти тоа, домаќинствата составени од двојки со деца се намалиле од 16,6 на 14,7 проценти.
Меѓу земјите членки на ЕУ, Словачка има најголем удел на домаќинства составени од двојки со деца – 20,3 проценти. Следуваат Кипар со 19,6, Чешка со 18,4 и Луксембург со 18,3 проценти.
Кај домаќинствата со едно возрасно лице и деца, највисок удел има Естонија со 9,4 проценти, пред Летонија со седум и Ирска со 6,9 проценти.
Најголем удел на домаќинства составени од едно лице без деца има Литванија со 62,5 проценти. Високи стапки бележат и Естонија со 53,8 и Финска со 47,9 проценти.








