Бебе се родило во 2020 година. Неговата мајка шест години чекала одговор од институциите за правото на породилно отсуство. Кога одговорот конечно пристигнал, во октомври 2026 година, детето веќе било ученичка во второ одделение.
Ова не е само лична приказна за изгубено право и долг судски процес. Ова е приказна за систем во кој административниот рок очигледно може да биде подолг од детството на едно дете. И за цената што ја плаќаат граѓаните кога институциите не одговараат тогаш кога им се најпотребни.
Понатаму следува сведоштвото на мајката:
Почитувани институции, само да ве известам дека детето поради кое го барав породилното веќе порасна. ❤️
Во 2020 година, кога се роди мојата ќерка, поради сметководствена грешка која не беше моја, останав без право на породилно отсуство и финансиска поддршка во период кога таа поддршка му е најпотребна на едно семејство.
Не се помирив со неправдата. Продолжив да барам правда по судски пат.
И знаете кога го добив одговорот од институцијата? Во октомври 2026 година. ШЕСТ ГОДИНИ ПОДОЦНА!
За тие шест години, детето од бебе стана ученичка. Порасна, прозборе, тргна на училиште, а сега веќе е второ одделение. А институцијата конечно најде време да ми одговори за породилното од 2020 година.
Да не се разбереме погрешно: не ми е проблем што судот ме одби. Тоа е исход на постапката. Проблемот е што на една мајка, на едно семејство, на еден граѓанин му требаат ШЕСТ ГОДИНИ за да добие одговор од институција која треба да му служи и да го штити.
И потоа се прашуваме зошто младите си заминуваат. Зошто младите брачни парови се плашат да имаат деца. Зошто наталитетот опаѓа.
Па еве зошто!
Затоа што кога ќе станеш родител, наместо сигурност и поддршка, добиваш административни лавиринти, изгубени права и години чекање.
Особено ако си самовработен, ако имаш сопствен бизнис и ако се обидуваш сам да создадеш нешто во оваа држава. Кога ќе ти се случи неправда, не само што остануваш без поддршка, туку треба да потрошиш години за некој воопшто да ти одговори.
ШЕСТ ГОДИНИ!
За шест години едно дете од бебе станува ученичка. Се менуваат влади, министри, директори, службеници… само ефикасноста на институциите останува иста.
И сега, конечно, стигна писмото. Скоро па да му го прочитаме на детето заедно, како историски документ од неговото рано детство.
Не бараме привилегии. Не бараме милост. Бараме права, достоинство и институции што функционираат кога ни се потребни, а не кога ќе им дојде ред.
И после прашувате зошто не веруваме во системот?
Еве ви го одговорот. Во сино поштенско плико. Со шест години задоцнување.








