Супер-херои, корејски поп,аниме, манга, видео игри, поголемиот дел од овие работи до пред само неколку години се сметаа за табу, никој не кажуваше јавно дека ги прави и ги следи најновите трендови од оваа забавна гранка со цел да биде подобро прифатен, да биде ин или кул во општеството.
Што се смени и зашто од еднаш ние имаме навала на супер херои, азиски пејачи и групи и многу филмови базирани на имагинацијата, стриповите и фантазијата?
Па, ако некого треба да посочам за „виновник“ тоа сигурно ќе биде интернетот, но, ако цела заслуга му ја дадеме на него тогаш сме во голема заблуда.
Да се вратиме малку назад во времето, пред десетина години делата на Толкин им беа познати само на вистинските фанови на Толкин, ако треба да се категоризира, тоа би биле стрипаџиите, бубалиците и гејмерите. Тогаш еден мал и незначаен, за поголемата јавност, режисер кој се вика Питер Џексон успеа да постави нови стандарди со една од најдобро преточените триологии од книга на филм по име „Господар на прстените“. Јавноста со задоволство повторно ги прифати хероите, епските борби, магијата и авантурата, а тоа беше и покажано со безбррој награди и оскари.
Со тоа бариерата измеѓу „бубалиците“ и јавноста беше скршена, добивме мал милион филмови базирани на епски авантури, магии и најважно од се на фантазија.
Со штрајкот на сценаристите во Холивуд, големите филмски студиа мораа да бараат нови и свежи идеи за идните филмови. Тогаш им се запали светилката, зашто да даваат милиони долари на филмски проекти за кои не постои сигурност дека ќе се пробијат на пазарот, кога имаат готови сценарија, со веќе постоечка публика во целиот свет.
Каде можеа да го најдат ова, прашувате? Па кај стрип љубителите. Технологијата што ја имаме во последните 10 години овозможува да се адаптираат цртаните филмови и стриповите за супер хероите во филмови на големото платно.
По безброј адаптации со сигурност можеме да кажеме дека Бетмен триологијата со Кристијан Бејл и Одмазниците на Марвел( со сите поединечни филмови) се едни од најдобрите, не само стрип адаптации, туку како филмови во целата досегашна филмска историја.
Еве еден помалку познат факт за тоа како овој тип на филмови го смени општеството и историјата. Маската што ја гледавме на собирите за „Окупирај го Вол Стрит“ и што ја носат Анонимуси поголемиот дел од вас знаат дека е од филмот „В за вендета“, но, тоа што помал дел од општеството го знае е дека „В за вендета“ е всушност стрип новела на ДЦ комикс.
Видео игрите се пазар вреден неколку милијарди долари на годишно ниво. Од седумдесетите години на дваестиот век до денеска големите компании, успешно не навлекуваат да играме се повеќе и повеќе. Ако до пред десетина години на располагање имавме само компјутер и нинтендо, денеска може да се игра буквално на се. Од мобилни, преку конзоли, преку компјутери, па се до часовници и фрижидери, денеска видео игрите се достапни на се и на секој.
Неколку студии покажаа дека минимално 80% од светското население кое има некаква технологија игра видео игри. Пазарот на видео игрите рапидно расте, ако пред десетина години изнесуваше неколку милиони долари, сега секоја година расте за неколку милијарди долари. Игри од типот на Диабло, Call of duty, World of warcraft, league of legends и многу други, им овозможуваат на играчите да играат со пријателите преку интернет, а истите можат и да купуваат додатна содржина за играта со вистински пари. Во овој поглед може да се каже дека компаниите за видео игри си нашле златна кокошка и дефинитивно не планираат да ја ослободат во блиска иднина.
Трендовите не се сменија само во филмовите, стрипот и видео игрите. Музиката претрпе огромни промени во последните 6 месеци. До пред 6 месеци, ако прашавте некого што е тоа Кпоп, од цела Македонија на рака ќе можеа да се избројат луѓето што ќе ви дадеа приближно точен одговор. Што се случи? Psy и Gangnam Style се случи.
Песната која направи бум, и пејачот која за 6 месеци го направи тоа што целата Кпоп сцена пробуваше да го направи во последните 20 години. Мора да ја сакате иронијата, корејските музички компании фрлаат милијарди долари секоја година за да го состават совршениот boy/girl бенд што ќе го освои светот, а еден мал средновечен дебелко тоа го направи сосема сам. Со моментално повеќе од 500 милиони гледаност на youtube Гангнам е една од најслушаните песни на сите времиња. Но, тоа не е се, тој успеа да ја отвори вратата за безброј други бендови и пејачи/ки да се пробијат на светската сцена. Денеска кого и да прашате знае за Кпоп.
Тоа што се обидувам да го кажам во овој текст е дека бариерите се срушени, нема веќе делење по групи од типот, ти си бубалица, ти си кпопер, ти си стрипаџија,металец и слично. Во овој нов век секој е се, сите субкултури се сплотија во едно нешто и денеска се е „мејнстрим“. Единствената разлика е која субкултура најмногу се истакнува на вашиот стил.
А ние можеме да си уживаме со сериите како Arrow, Doctor Who, Game of Thrones, True Blood, и сите останати и да се радуваме на сите филмови, стрипови, видео игри и музички дела кои ќе не забавуваат во иднината.