Србија побара од обвинителите на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија да и предадат докази против двајцата хрватски генерали, чии пресуди неодамна беа укинати, што ги затегна односите меѓу двете балкански земји, соопштија американските медиуми.
Анте Готовина и Младен Маркач беа ослободени пред две недели од Меѓународниот трибунал во Хаг, откако Апелациските судии ги укинаа нивните пресуди за извршени убиства врз стотици Срби и нелегалната депортација на стотици илјади лица за време на хрватската воена офанзива од 1995 година, позната како операцијата „Бура“.
Обвинители од српскиот суд за воени злосторства побараа од обвинителите на ОН да им предадат докази, искористени во процесот против двајцата генерали, за да разгледаат дали против нив да покренат обвиненија во Србија.
Готовина и Маркач во Хрватска се сметани за херои заради нивната улога во војната од 1991-95 година за независност од поранешна Југославија.
Србија соопшти дека почнала сопствена истрага за воени злосторства, извршени за време на офанзивата.
Неодамна главниот обвинител на трибуналот во Хаг, Серж Брамерц, изјави дека „доказите, собрани од мојата служба, ќе останат достапни за судските власти во поранешна Југославија, за да помогнат во националните истраги за злосторства, извршени во врска со операцијата „Бура“.
Судската одлука предизвика гнев во Србија каде многу луѓе сметаат дека судот на ОН е пристрастен и е настроен против нив, затоа што мнозинството од осудените за воени злостроства се Срби.
Миа