Дваесетина нуркачи од Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, на Сојузот за подводни активности од Македонија, како и нивни колеги од Албанија, денеска традиционално по 11-ти пат поставуваа и украсуваа елки во водите на Охридското Езеро.
Една елка беше поставена во Заливот на коските во непосредна близина на Музејот на вода, додека другата во изворите на Црн Дрим кај Свети Наум.
Двете дрва се накитени со специјални украси.
Горан Балевски од „Амфора“ кој оваа година ја играше улогата на Дедо Мраз под вода, рече дека китењето на елката претставува една убава традиција, со акцент ставен на учество на млади нуркачи во китењето на дрвјата под вода.
– И нам повозрасните нуркачи китењето ни претставува задоволство, една своевидна предновогодишна забава. Наше беше да се погрижиме целиот тој процес да мина безбедно, рече Балески.
Претседателот на Сојузот за подводни активности на РМ, Периклија Бешка, од своја страна изрази задоволство што се поголем број млади нуркачи учествуваат во китењето на елката под вода, најавувајќи за идната година најави некои новини насочени кон збогатување на оваа необична традиција.
Украсувањето елка под вода претставува своевидна атракција, за која искуствата од минатите години покажуваат дека е интересна како за домашните, така и за странските туристи кои новогодишните празници ги минуваат на охридската ривиера.