Нема македонска музика на националните Канал 5, Сител и Алсат – М. Одлуката за мораториум на било кој вид домашна музика телевизиите ја донесоа откако здружението Македонска музичка индустрија или ММИ писмено им укажа дека ќе фактурира без претходни преговори. Токму преговорите беа препорака од Владата и министерството за култура адресирани до ММИ.
Ова здружение на граѓани очигледно е дека не ги прифати и не ги коригираше многуте забелешки од Владата и култура. Без никаква правна логика и разум ги извести нашите ТВ куќи дека со почетокот на 2013 ќе започне со побарување на средства без никаков основ, стои во известувањето од националните телевизии.
Во дописот ММИ укажува дека телевизиите се должни еднаш месечно да доставуваат прегледи на емитувани изведби во ексел формат. Доколку телевизиите се навремени со доставувањето на плеј листите добиваат попуст од 3% и дополнителни 3% ако бараната информација ја достават во бараниот формат на ММИ. Непочитувањето произведува глоба до 1500 евра, стои во дописот на ММИ.
Дописот е пратен иако ММИ не одржала ниту една средба, како што препорача Владата, со медиумите кои не произведуваат фонограми туку видеограми за кои ова здружение на граѓани нема добиено лиценца.
Канал 5, Сител и Алсат – М бараат одземање на лиценцата на ММИ, министерството за култура да ја преиспита одлуката за самоволно истакнување на тарифи, како и вршење притисок врз медиумите за плаќање дополнителни давачки.
Националните ТВ куќи, во духот на заложбите на Владата за намалување на трошоците на граѓаните и фирмите препорачуваат да се одложи доделувањето на нова лиценца за да се амортизира штетата врз сите правни и физички лица во услови на економска криза.
Трите национални медиуми од Уставниот суд побараа да се преиспитаат сите акти на ММИ. Се додека не се корегираат незаконските одлуки на здружението мораториумот на македонска музика ќе остане на сила.
Kanal 5