Нимиц дојде – ,,Убаво е да се биде пак во Скопје,,


Медијаторот во грчко-македонскиот спор за името Метју Нимиц, попладнево пристигна во Македонија.– Убаво е да се биде пак во Скопје. Јас ќе работам навистина напорно за да видиме дали можеме да постигнеме некаков напредок, изјави Нимиц по пристигнувањето.

nimic-630x417

Се очекува тој утре на средби со македонскиот државен врв да презентира одредени идеи за надминување на долгогодишниот спор, откако тоа вчера го направи во Атина.

Засега официјално е најавена само средбата утре изутрина со шефот на дипломатијата Никола Попоски, а дополнително се очекува да се соопшти и агендата за средби со шефот на државата Ѓорге Иванов и со премиерот Никола Груевски.

Нимиц во Грција имаше средба со премиерот Андонис Самарас и министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос. По средбата тој изјави дека грчката Влада со голема искреност сака да се постигне договор за прашањето за името.

Медијаторот Нимиц изрази задоволство што на средбата присуствувал и Самарас и истакна дека имале „куса, но интензивна дискусија“ и информира дека презентирал некои идеи за кои разговарале во детали.

– Не сакам да го употребувам зборот предлог, туку повеќе идеи за кои зборувавме во ноември во Њујорк. Имам некои размислувања кои ги презентирав тука. Истото ќе го направам и во Скопје и да видиме дали можеме да се доближиме, рече Нимиц.

Тој нагласи дека не може да открие што презентирал, но изрази уверување дека дискусиите можат да се забрзаат и да се постигне „некакво решение“.

Грчките дипломати посетата на Нимиц на Атина ја оценија како одбележување на „многу раната фаза“ од новите напори за решавање на спорот, пишува денеска провладиниот „Катимерини“. Весникот посочува дека извори од МНР потврдиле оти медијаторот не донел специфични предлози туку презентирал „рамка“, која може да биде употребена за да се најде решение. Врз основа на ова, истите извори изразиле оптимизам дека предлогот што ќе го донесе Нимиц на следниот состанок ќе го задоволи барањето на Грција за решение кои ќе содржи географска одредница.

Американскиот Стејт департмент, пак, ги повика Македонија и Грција да ја искористат посетата на посредникот Нимиц на двете земји за да се најде решение.

– Нашиот став со годии наназад е дека го поддржуваме процесот во Обединетите нации, и се надеваме дека Македонија и Грција ќе го искористат за да се изнајде решение на спорот за името, изјави за МИА висок претставник на Стејт департментот.

Од седиштето на американската дипломатија понатаму не ја коментираат посетата на Нимиц, со оценка дека очекуваат да слушнат што посредникот ќе има да каже по средбите во Атина и во Скопје.

MIA

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1