Грипот ги забрани посетите во болниците


Се очекува бројот на заболените од грип да се зголемува во наредните две-три недели. Засега состојбата не е загрижувачка. За да се намали ширењето на вирусот, болниците и другите сместувачки капацитети треба да ги ограничат посетите на болните. Ако се дозволи влез, посетителите на болниците треба да ги почитуваат посебните заштитни мерки.

grip fluОва се некои од заклучоците од вчерашниот состанок на Kомисијата што ја следи состојбата со грипот и која оценила дека според бројот на досега пријавените 5.434 случаи, годинава е меѓу тие со помал број заболени. Во пандемиската 2009 година, на пример, имало 58.000 случаи, а во други дури и по 80.000 до 90.000 заболени од грип.

Надлежните ги потсетуваат матичните лекари и сите други здравствени работници да им го даваат антивирусниот лек „тамифлу“ на ризичните групи болни.

– Овој лек не е токсичен, а е потребен за спасување на здравјето и животот, особено кај ризичните групи – хронично болните, бремените жени и децата. Остануваат препораките за заштита од грип – граѓаните да одржуваат лична хигиена, да избегнуваат контакт со заболени, а при појава на симптоми на грип да се консултираат со матичниот лекар за потребната терапија – изјави д-р Јованка Kостовска, раководителка на секторот за примарна и превентивна заштита во Министерството за здравство.

Препораките опфаќаат и одржување хигиена во здравствени, образовни, социјални објекти и во јавниот превоз – автобусите, на пример, треба секој ден да се мијат и дезинфицираат.

На Kлиниката за инфективни болести се хоспитализирани тројца пациенти со грип, кои се во потешка здравствена состојба, а имаат и хронични заболувања.

– Лекарите прават сè што можат за да ги извлечат од таа состојба, која е променлива – во секој момент состојбата кај лице со полесна клиничка слика може да се влоши, а кај тоа со потешка состојба да се подобри. Тоа се очекувани состојби кај грипот – додава Kостовска

Извор – Дневник

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1