Одметнатиот поранешен полицаец Кристофер Дорнер, кој изврши серија убиства објавувајќи и „војна на полицијата“ во американската метропола Лос Анџелес, се смета за убиен по престрелка во планинска викенд населба, јави дописникот на МИА од Вапингтон.
Полицијата опколи куќарка во населбата Биг Беар, каде се претпоставуваше дека е сокриен Дорнер, откако беше откриен од страна на полициска патрола. Дорнер застрела двајца полицајци, убивајќи еден од нив, и потоа, од куќарката, отвори оган кон полицијата со големокалибарска снајперска пушка. Полицијата возврати на истрелите со гранати со солзавец.
Во текот на престрелката, во куќата избуван пожар и таа целосно изгоре, но никој не се обиде да излезе од неа.
Полицијата се уште не информира дали е пронајдено или идентификувано тело во остатоците од изгорената куќа.
Кристофер Дорнер, поранешен полицаец и резервист на воената морнарица на САД, бил отпуштен пред пет години, поради тоа што поднел лажна пријава против полицајка дека клоцнала осомничен криминалец.
Серијата убиства, Дорнер ги започна на 3 февруари со напад врз Моника Кван, ќерката на полицискиот капетан и адвокат кој го бранел Дорнер за време на процесот за негово отпуштање од полициската служба. Дорнер ги уби Кван и нејзиниот вереник, а неколку дена подоцна нападна неколкуполициски патроли, убивајќи еден полицаец.
Властите на Лос Анџелес понудија милион долари за информација која ќе помогне да се фати одметнатиот убиец, кој во меѓувреме тој се засолни во планините северно од градот, каде веројатно провалил во викенд куќа и како заложници земал две жени.
Во два наврати, трагајќи по Дорнер, полицијата нападна граѓани кои возеле возила слични на џипот на бегалецот, притоа ранувајќи вкупно три случајни лица.
Потрагата конечно беше се фокусирала на населбата Биг Беар, каде Дорнер во престрелка уби уште еден полицаец, неговата четврта жртва, пред да биде опколен во куќата каде се претпоставува дека е убиен или се самоубил.
Пред да ја почне серијата убиства, Дорнер напиша долг текст кој го објави на социјалните мрежи, и во кој вели дека сака да се дознае вистината за неговото отпуштање од работа. Во текстот, Дорнер споменува голем број свои идоли, како претседателот Барак Обама, новинарот Пирс Морган и актерот Чарли Шин.
Убиствата на Афроамериканецот Дорнер, ги поттикнаа старите обвинувања за дискриминацијата на Афроамериканците од страна на полицијата на Лос Анџелес, кои во 1992 година предизвикаа безредија со 53 жртви и 2.000 повредени лица.
Властите на Лос Анџелес стравуваат дека Дорнер, со извршените убиства, сакал да предизвика слични безредија. На социјалните мрежи се појавија групи за поддршка на убиецот, каде членовите ја обвинуваат полицијата на Лос Анџелес за тоа што се случило.