Ќира Биневска од Демиркапија e прва жена што учествувала на натпревар во дисциплина типично машка, го освои третото место и докажа дека и припадничките на понежниот пол може да бидат вешти мајстори за кроење
53 годишната Ќира го освои третото место во натпреварот што традиционално се одржува веќе неколку години во Тиквешко – доказ дека тиквешките жени не се само добри сопруги и домаќинки, туку и вредни земјоделци, кои умеат вешто да ги работат и типичните машки работи.
Ќира е од село Бесвица. Мајка е на три полнолетни сина. Нејзиното семејство обработува 40 декари под лозов насад.
– Се занимаваме со земјоделство. Пред пет години се заинтересирав за кроењето винови лози. Ми се јави желба да го научам и тој дел од лозарството, а на крајот на краиштата и да им помогнам и на сопругот и на децата побргу да стасаат со оваа земјоделска работа. Отпрвин трчав што се вели по нив за да ги стигнам оти ми бегаа, беа побрзи. Сопругот е најискусен, ама и децата многу се изучија. Сите ми помагаа побрзо да научам во што е марифетот кога се крои лозје. Нешто ми објаснија, нешто украдов додека ги гледав како тие работат. Сега можам да се пофалам дека сум побрза од нив – ни откри оваа пријатна жена.
Kога мажот ~ почувствувал дека го испекла кројачкиот занает, годинава ја пријавил на натпреварот.
Дипломата и пригодната награда за големиот успех ќе ~и бидат доделени денеска на големата манифестација, која во чест на верскиот празник Свети Трифун се одржува во Демир Kапија. Првото место го освои Трајче Јованов, а второто Илија Ангелов.
Извор – Дневник