Комисијата за верификација на фактите од една од четирите надлежни институции доби повратна информација дека три лица од кандидатите за носители на јавна функција како советници и градоначалници фигурираат во нивната евиденција, изјави за МИА портпаролот на Комисијата, Предраг Димитровски.
Тој информира дека за денеска во 13 часот закажа е седница на која членовите на Комисијата треба да се изјаснат дали тие три лица биле соработници на тајните служби од идеолошко-политички или од партиски причини.
– Комисијата за верификација на фактите ја исполни обврската и во предвидениот рок ги испрати до Управата за безбедност и контраразузнавање, Државениот архив, Агенцијата за разузнавање и Воената служба за разузнавање при Министерството за одбрана проверените кандидатски листи, односно на 6.339 лица-кандидати за носители на јавна функција како советници и градоначалници, рече Димитровски.
Ова е првпат Комисијата за лустрација да биде директно вклучена во изборниот процес. – На минатите локални избори кандидатите поднесуваа изјави заверени на нотар дека не биле соработници на тајните служби и ги доставуваа во ДИК со оглед дека тогаш Комисијата за лустрација не беше формирана и не функционираше, додаде тој.
Овој изборен циклус, како што рече, покажа дека Комисијата за верификација на фактите целосно ја исполни својата законска обврска во предвидениот рок. – Дали и колку известувања ќе дојдат од четирите надлежни институции ќе видиме следниве два-три дена, меѓутоа членовите на Комисијата се тука да одлучуваат по сите известувања евентуално што ќе бидат добиени, истакна портпаролот Димитровски.
Миа