Од понеделникот ниту еден литар домашно млеко не може да отиде во продажба ако нема доказ дека во него нема присуство на афлатоксин – пишува „Дневник“. Агенцијата за храна и ветеринарство го менува Правилникот за производство на млеко и млечни производи кој за кусо време ќе биде објавен во „Службен весник“.
Во нашата Агенција за храна велат дека потрошувачите не треба да престанат со купување млеко бидејќи сите количества што се продаваат се безбедни за употреба.
– Kонечните резултати од испитувањата на земените мостри на увозно и домашно млеко ќе се знаат до крајот на денешниот ден, евентуално во недела наутро. Дотогаш сите увозни пратки ќе се чуваат во магацините – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Тој потврди дека ќе има измени на Правилникот за млеко и дека покрај досегашните анализи за млекото ќе биде задолжително млекарниците да прават и дополнителна за присуство на афлатоксин, пишува весникот.