Станојче Илов, Христијан Ламбески и Хамид Бајрам се младите херои кои вчера околу 16:45 часот храбро скокнаа во ладните води на Охридското Езеро за да ја спасат жената која се обиде да се самоубие скокајќи од карпа кај месноста Лабино.
– Одевме од Лабино кон Канео со Хамид и Христијан кој прв ја виде жената како стои на карпата. Се свртевме кон таа страна и после неколку секунди таа скокна во езерото. Бргу стигнавме на местото и јас и Христијан се соблековме по боксерки и скокнавме во езерото. Водата беше ладна. имаше и бранови, но некако успеавме да ја извадиме на брегот. Хамид остана да повика помош, вели за Супер радио 18-годишниот херој Станојче Илов.
Тој додава дека кога ја извадиле од езерото, жената не била во свесна состојба и дека помошта стигнала бргу.
41-годишната Г.Д. вчера скокна во студените езерски води од карпа висока десеттина метри, но за среќа беше спасена од младите момчиња, сите на 18-годишна возраст, ученици во четврта година во охридското економско училиште.
Охрипрес / Супер радио