емејството Грифитс, откако доби на лотарија во 2005 година, живееше во луксузна куќа. Роџер возеше Порше, одеа на луксузни одмори, а двете деца беа запишани во приватни училишта кои чинеа 10.000 фунти годишно. Денес, Грифитс има само седум фунти на сметката во банка, пишува „Дејли мејл“.
На овој 42-годишен поранешен милионер, освен финансиската ситуација, му се распадна и 14-годишниот брак и немаше избор, туку се врати во домот на своите родители.
– Имав се, сега немам ништо. Непријатно ми е да признаам, но не бев доволно паметен да ја искористам добивката. Се обидувам да останам на нозе, но останувам без идеи. Да ги немам родителите кои ми помагаат, би бил во огромни проблеми, вели Роџер.
Тој работел како информатичар, кога на лото освои 1,8 милиони фунти, доволно, само од камати да заработува 340 фунти месечно. Тој и неговата сопруга Лара купиле салон за убавина за да си обезбедат сигурен приход, а со недвижнини и акции имале намера да го удвојат богатството. Живееле во куќа вредна 670.000 фунти, а на одмор оделе во Њујорк, Дубаи и Монако. Купувале сандаци со шампањ и се забавувале со познати личности, како на пример со членовите на бендот Тејк дет.
Но ги погодила финансиската криза во 2007 година. Поради големите загуби се потпреле на парите кои требале да останат заштеда. Заедно со финансиските проблеми, се појавиле проблеми и меѓу нив, па на крајот и се развеле. Сопругата со децата останала во нивниот прв дом во Ветерби, во близина на Лидс, а Роџер се преселил во куќата на родителите и нуди услуги на советник при вработување.
– Кога ќе се сетам на добивката на лото, тоа навистина беше меч со две острици, заклучува Роџер.