Судот во Охајо го осуди на доживотен затвор Ти Џеј Лејн (18), кој минатата година уби тројца ученици, а повеќемина рани, во едно средно училиште во таа американска сојузна држава.
Лејн е осуден за убиство на Даниел Пармертор, Деметриус Хјулин и Расел Кинг, кои ги уби во февруари минатата година во средното училиште во градчето Чардон, источно од Кливленд. Иако не учел во тоа училиште, тој додека го чекал школскиот автобус, влегол во кафуле каде што се наоѓале учениците и од пиштол испукал десет куршуми во групата ученици кои стоеле таму.
Три момчиња беа убиени, а тројца други ранети, од кои еден остана парализиран. Лејн доби максимална затворска казна, пошто не можеше да биде осуден на смрт, бидејќи во времето на злосторството имал 17 години.
Тој на денешното изрекување на пресудата се појави во маичка на која сам напишал убиец и додека престојуваше во судот повеќепати псуеше и покажуваше непристојни гестови на судијата и на семејствата на жртвите.
Лејн во еден момент се сврте кон галеријата каде што беа членови на неговото и семејствата на жртвите, велејќи дека “рацете кои го повлекоа чкрапалото кое ги уби вашите синови сега мастурбираат со тоа сеќавање.” Тој потоа ги опцу и испрати вулгарен гест.
Мајката на еден од убиени ученици, Дина Парметор рече дека Лејн претставува жално човечко суштество, додавајќи дека му посакува многу бавна и мачна смрт. Тој од сега ќе биде само обичен убиец, заврши мајката на жртвата.