Членовите на Државната изборна комисија го усвоија предлогот да се отвори гласачка кутија од едно избирачко место од општина Чаир и да се пребројат ливчињата, за да се утврди фактичката состојба на приговорот на ДПА дека во општината, во првиот круг од локалните избори, е направен фалсификат.
Членовите на ВМРО ДПМНЕ И ДПА гласаа ЗА, а СДСМ одбија да гласаат, а седницата започна без потпретседателот на ДИК, Субхи Јакупи, кој не се вратил по паузата за ручек.
– Во 13 избирачки места резултати објавени на ДИК се разликуваат од оние во записниците во ОИК. Пример на едно избирачко место за ДУИ има 170 гласа повеќе, а за разлика од ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ има минус 100 гласа, а ДПА минус 50 гласа. Некој член или челнови од избирачкиот одбор или Општинската изборна комисија гласовите од партиите ги минусирале и ги ставале кај ДУИ и тоа се повторува во 13 избирачки места во Чаир – рече овластениот подносител.
Во ДИК сè уште има пауза, се чека избирачкиот материјал од едно избирачко место во Чаир кое е дел од групата приговори на ДПА. Освен кутијата со гласачки ливчиња, записниците и избирачкиот список, во ДИК треба да пристигнат и претседателот на Општинската изборна комисија и по еден член од политичките партии кои учествувале на изборите таму.
Извор – Плус инфо