Мистеријата за тоа како една жена можела да користи модерен мобилен телефон во далечната 1938 е конечно разрешена. Црно-белата снимка на девојка која разговара со некој преку безжичен уред е направена во 30-тите години на минатиот век во една фабрика во САД, па поради тоа привлече големо внимание на Интернет.
Приврзаниците на теориите на заговор веќе мислат дека имаат доказ за патувањето низ времето, наведувајќи и стари снимки кои прикажуваат користење на модерни технологии, години наназад пред тие да бидат измислени.
Меѓутоа, се огласил корисник кој тврди дека девојката на видеото е неговата прабаба и дека навистина во раката држи мобилен телефон, т.е предвоен прототип направен во една фабрика за комуникации во Масачусетс.
Краткото видео со девојката, наречено „Патник низ времето во филмот од 1938“, прикажува девојка облечена во стилот на триесетите во друштво на други луѓе, истотака облечени во облека од тоа време.
На видеото се гледа како таа разговара со некого преку уред кој го држи на увото, кој изгледа на современите мобилни телефони. Снимката е направена во фабрика во сопствеништво на американскиот индустриски гигант „Dupont“.
Видеото е објавено на YouTube пред една година, а неодамна е откриен и идентитетот на девојката, благодарејќи на нејзиниот правнук.
„Девојката на видеото е мојата прабаба Гертруда Џоунс. Тогаш имала 17 години. Ја прашав за видеото и јасно се сеќава на тоа. Рече дека „Dupont“ имале оддел за телекомуникации во фабриката и дека експериментирале со безжични телефони. Гертруда и нејзините пет колешки ги добиле тие безжични телефони на седумдневна проба“, објаснил корисникот потпишан како „planetcheck“.
Гертруда на снимката разговарала со еден од научниците кој бил од нејзината десна страна додека таа одела.
Оваа снимка е втор видео запис на кој се гледа мобилен телефон наводно пред да е измислен. Во 2010-та година се појави снимка од еден филм на Чарли Чаплин од 1928, каде, наводно, истотака се гледа жена која разговара на мобилен телефон.