Тијери Коста (38), докторот кој бил задолжен за здравјето на учесниците на француската верзија на “Преживеан”, изврши самоубиство во Камбоџа, соопшти продуцентската куќа “Адвентур лајн продакшн”. Според соопштението, докторот си го одзел животот само десет дена откако Џералд Бабин, учесникот во “Преживеан”, починал од срцев удар за време на снимањето.
Лекарот оставил и проштално писмо, во кое навел дека на него многу лошо влијаела смртта на Џералд, како и критиките дека тој требало да знае дека момчето не е во здравствена состојба која дозволува да учествува во така напорно шоу.
-Изминатите денови моето име беше извалкано во медиумите. Сите мои напори беа намалени со приказните кои наведуваа на погрешна трага. Сигурен сум дека Џералд го третирав со почит, како пациент а не како учесник- навел тој во писмото.
Џералд се жалел на болки во рацете по пливањето во една од игрите на снимањето уште на првиот ден од “Преживеан”. Медиумите пишуваа дека лекарите не му верувале на момчето и не ни дошле да му помогнат, затоа што прво морало да биде интервјуиран и сниман и покрај неговата лоша состојба.
Поради смртта на ова 25 годишно момче, француските медиуми го доведоа во прашање третманот на вработените кон учесниците, колку се води грижа за нив и за нивните поплаки. Ова не е прв смртен случај на ваквиот вид реални шоуа. Во 1997 во шведската варијанта на „Преживеан”, „Експедиција Робинсон” се случија две трагедии, во 2009 година од срцев удар почина учесник на бугарската верзија на „Срвајвор” при снимањето во Филипините, а во пакистанското издание од истата година еден од учесниците се удави пред очите на камерите.