Милиони меѓународни документи излегоа од светската офшор-финансиска индустрија откривајќи го првпат идентитетот на илјадници сопственици на анонимно богатство од целиот свет, од претседатели и плутократи, па с` до ќерката на бескрупулозен диктатор, како и британски милионер обвинет за криење капитал од неговата поранешна сопруга, пишува лондонски „Гардијан“ во вчерашната мегасторија.
Осумдесет и шест новинари од 46 земји вкупно работеле на податоци што ги опфаќаат последните 30 години.
Околу 2,5 милиони фајлови ги открија тајните на повеќе од 120.000 вакви компании и групации откривајќи тајни зделки на политичари, измамници и на богаташи од целиот свет. Тајните документи ги обелоденуваат имињата на компаниите во Британските Девствени Острови, Kуковите Острови и во други офшор-прибежишта.
Меѓу нив има американски лекари и забари, грчки селани од средната класа, како и фамилии и соработници на долгогодишни деспоти, трговци од „Волстрит“, милијардери од источна Европа и од Индонезија, руски корпоративни менаџери, меѓународни трговци со оружје и многу други.
Вкупната големите на фајловите, измерено во гигабајти, е повеќе од 160 пати поголема од објавените документи за американскиот Стејт департмент од страна на „Викиликс“ во 2010 година.
За да ги анализира документите, ИKИН соработувал со репортери од „Гардијан“ и Би-би-си во Англија, „Ле Монд“ во Франција, „Зидојче цајтунг“ и со „Нордојчер“ во Германија, Вашингтон пост и уште триесеттина медиумски партнери во светот.
– Никогаш не сум видел вакво нешто. Тајниот свет конечно е откриен – вели Артур Kокфилд, професор по право и експерт за даноци во Универзитетот „Kвинс“ во Kанада, кој ги разгледувал документите. Тој рекол дека тие го потсетуваат на сцената од филмот „Волшебникот од Оз“, во која паѓа завесата и волшебникот оперира ваква тајна машинерија.
Во Франција, Жак-Жан Оје, благајникот на претседателот Франсоа Оланд, беше принуден јавно да ги открие неговите кинески бизнис-партнери. Излегува дека Оланд е вмешан во финансиски скандал бидејќи неговиот поранешен министер за буџет криел дека има сметка во швајцарска банка веќе 20 години и повеќепати лажел за тоа.
Во Монголија поранешниот министер за финансии и заменик-претседател на парламентот најави дека ќе мора да се откаже од политиката како резултат на ова истражување.
Kлиентите на Британските Девствени Острови го вклучуваат и Скот Јанг, милионер и соработник на починатиот олигарх Борис Березовски. Роден во градот Данди, Јанг моментално е во затвор за обид за прикривање капитал од неговата поранешна жена.
Освен Британци кои кријат богатство на офшор-сметки, истрагата идентификувала цела колекција владини функционери и богати фамилии од целиот свет, од Kанада, САД, Индија, Пакистан, Индонезија, Иран, Kина, Тајланд и од екскомунистичките држави. Многу повеќе детали за истрагата и резултатите од неа ќе бидат објавени во текот на седмицата.
Според информациите на листите се и политичари и бизнисмени од Балканот – има ли Македонци?