Советот на честа при Здружението на новинари на Македонија, остро реагира на објавувањето на фотографиите на кои се гледа безживотното тело на човек како виси на дрво во паркот наспроти зградата на Нова Македонија во Скопје, трагичниот настан што се случи (е објавен) денеска, се наведува во соопштението на ЗНМ.
„Фотографиите се појавија на повеќе портали и на веб-изданијата на најголем дел од пишаните и електронски медиуми. Дури е објавен и идентитет на жртвата (не е почитувана приватноста на жртвата ниту на неговото семејство).
Иако дел од медиумите потенцирале дека станува збор за вознемирувачки фотографии, Советот на честа смета дека е прекршен Кодексот на новинарите и дека е постапено крајно неетички и непрофесионално. Јавноста е ужасната, предизвикана е вознемиреност.
Не е почитувана семејната и лична болка, со цел да се дојде до сензационализам (прекршени се членовите 7 и 8 од Кодексот на новинарите)“, пишува во соопштението.
Советот на честа упати повик до новинарите за совесно и одговорно однесување и да се покаже почит кон семејството на настраданиот, бидејќи станува збор за лични трагедии. Апелираат сензацијата да не биде пред човековата трагедија и болка.