Ние, група членови на СДСМ, користејќи го правото согласно со членот 11 од Статутот да преземаме иницијативи, коишто сме организирани како иницијативен одбор за Ваша поддршка за кандидатура за претседател на СДСМ, поддржани со потписи од апсолутното мнозинство на нашето членство, на клубовите на жени на СДСМ, на СДММ, на симпатизерите на СДСМ, на борците од НОБ, на граѓани на РМ, си земаме за слобода, лично да Ви се обратиме и да Ве замолиме и да побареме од Вас, во интерес на партијата и државата, да ја прифатите кандидатурата за претседател на СДСМ којашто ќе ја поднесеме до ИО на СДСМ.
Сметаме дека во СДСМ не е дозреана состојбата за да може да заминете и дека тоа ќе биде погубно за самата партија и членството, а нема ниту да ја отсликува реалната волја на апсолутното мнозинство членови кои Ви даваат безрезервна поддршка. Борбата за демократизација во Р. Македонија сè уште не е завршена, сè уште е невозможно организирање фер и демократски избори, а животот на нашите граѓани стана неподнослив. Наше длабоко убедување е дека таа борба би ја добиле исклучивио ако Вие останете на чело на партијата, како човек што е политички најискусен, лидер и државник, кој ужива најголем углед, пред сè помеѓу членството, а и симпатизерите и меѓународната заедница. Вие сте единствениот кој во овие кризни моменти може да го задржи нашето членство обединето и активно. Само обединети и активни ќе претставуваме закана и најсериозен фактор за рушење на актуелната недемократска власт.
Ние, почитуван претседателе, се одѕвавме на Вашите повици за отпор. Се јавивме на повикот да излеземе и да ги заштитиме од физички напад нашите пратеници во Собранието на РМ. Достојно пружевме отпор сè додека не по Ваша вина, некој реши да го прекине отпорот. Одговорноста за тоа, членството ја бара кај дел од раководството, а не кај Вас. Парадоксално е Вие да се чувствувате одговорен, а виновниците да претендираат за највисоките функции во нашата партија.
Нашата цел не е, ние членството, Вас да Ве спасуваме. Нашата цел е да ја спасиме партијата и државата. Загрижени сме за иднината на партијата, за иднината на државата, за иднината на нашите деца. Без силен и обединет СДСМ нема иднина ниту за СДСМ, ниту за Македонија. Силата и обединувањето на членството е можно само ако на чело стои лидер како Вас. Ние како членство не прифаќаме никој друг за лидер и претседател на партијата освен Вас, од едноставна причина што никој друг во дадениов момент не ужива толкави симпатии, доверба и углед помеѓу членството.
Си земаме за право да Ве известиме дека, како и досега, ние ќе бидеме дел од отпорот и доколку на ја прифатите нашата кандидатура, отпорот ќе го продолжиме и во самата партија. Ние секако ќе учествуваме и на претстојниот конгрес, ќе бидеме присутни околу салата каде што ќе се одржува конгресот да им докажеме на делегатите дека вината ја бараме кај другите, а не кај Вас. Спремни сме и да ги прифатиме заканите и предизвиците од другите кандидати за претседател дека од внатрешноста ќе носат свои луге за нивна поддршка.
Дека ќе не збришат и ќе ни се одмаздуваат на сите нас коишто сме за Ваша поддршка, а со самото тоа и за поддршка за опстанок на СДСМ. Не се плашиме, бидејќи ќе бидеме далеку побројни. Без вас, нема повеќе активно да учествуваме на повиците од партијата, ќе се пасивизираме. Не заради тоа што не ја сакаме партијата, напротив, исклучиво заради фактот дека со Вашето заминување следува тотално разединување на членството. На задоволство на непријателите, поделбите во партијата започнаа.
На СДСМ не му се потребни генерали без војска, со Вашето заминување и тоа ќе се случи.
Свесни сме дека после пустошот што ќе го остави актуелната власт наново ќе треба да градиме држава. Го прифаќаме и тој предизвик и ќе ја изградиме, но заедно со Вас. Вие знаете како.
Самокритиката како одлика на левичарите, како механизам за корекција, во нашата партија затаи. Единствено Вие покажавте достоинство и доблест и самокритично сакате да ја преземете вината за состојбите врз себе. Тоа нема да го дозволиме. Тоа не ни го дозволува ниту волјата ниту статистиката. Со Вашето враќање, на последните парламентарни избори добивме 18 пратенички мандати повеќе.
Нема да можеме да се помириме со фактот дека со Вашето повлекување ќе ја испочитувате исклучиво волјата на ДПМНЕ, а не на нашето членство. Затоа доследно и непоколебливо остануваме на нашата молба и барање до Вас да ја прифатите кандидатурата од членството.
Тоа е волјата на апсолутното мнозинство од членството, тоа е волјата на оние неуморни обични членови, на онаа база, на оние пчели работливки кои несебично излегуваа на отпор, по улици, на барикадите, убедуваа соседи, пријатели, трпеа последици на работните места од режимот.
СДСМ не е, и не смее да стане човек партија, СДСМ е членка на Социјалистичката интернационала, СДСМ е континуитет на вољата на илинденците, прогресивните сили и антифашистичката борба во Македонија, СДСМ е чувар на сите вредности во Р.Македонија
За државата се работи.
Со почит,
(Интегрален текст од писмото Иницијативниот одбор за Црвенковски)