Кинеските власти одлучија дека новороденчето кое беше спасено од канализациска цевка пред два дена се нашло таму по несреќен случај и поради тоа, против неговата мајка нема да биде подигнато обвинение, изјави локален официјален претставник.
Новороденчето по двочасовни напори на пожарникари и медицински персонал беше спасено од канализациска цевка под тоалетот, во кој според зборовите на мајката, и се лизнало веднаш по породувањето.
Официјален претставник од Пудјанг на исток во Кина каде се случи инцидентот, изјави дека мажот за кој се верува дека е татко на детето побарал ДНК тест и доколку се утврди дека тој е татко, е подготвен со мајката да разговара за одгледување на детето.
Мајката која присуствувала на акцијата на спасувањето не признала дека бебето е нејзино бидејќи била исплашена, смета полицијата. Но, по испрашувањето таа признала дека забременила по куса врска со маж, дека бременоста ја криела од семејството и тајно се породила во саботата на 25 мај во заедничкиот тоалет во зградата. Детето случајно испаднало во тоалетот, навела таа, јавуваат западни медиуми.