Владите на Република Македонија и Република Србија денеска во Белград ќе одржат заедничка седница, на чиј дневен ред се повеќе теми од взаемен интерес. Пред седницата, премиерите на двете земји, Никола Груевски и Ивица Дачиќ, ќе имаат тет-а-тет средба, а за попладнево е закажана и заедничка прес-конференција.
Во зависност од точките на расправа, на седницата ќе присуствуваат министрите од соодветните ресори. Од македонска страна, покрај премиерот Груевски, ќе бидат и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески, министрите за надворешни и за внатрешни работи, Никола Попоски и Гордана Јанкулоска, министрите за здравство и за труд и социјална политика, Никола Тодоров и Диме Спасов, за информатичко општество Иво Ивановски, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски.
Главни теми ќе бидат европските интеграции на двете земји, регионалната соработка, како и унапредување на економската соработка, пред се зголемување на трговската размена, соработка на полето на инвестициите, можност за заеднички настапи на трети пазари, особено во делот на градежништвото, како и во делот на фармацијата, туристичка презентација на можностите на двете земи.
Ќе стане збор и за инфраструктурни проекти, главно за завршување на делниците од автопатот К-10 најдоцна до 2016 година, но и за соработка во борбата против трговија со дрога, гранична соработка, соработка во областа на здравството, социјалата, земјоделството…