Австриските власти синоќа наредија евакуација на населението во предградието на Виена, откако нивото на Дунав достигна загрижувачки размери.
Досега во поплавите како резултат на поројните дождови во Австрија загинале двајца, а неколкумина се исчезнати. Дека ситуацијата е драматична говори и фактот што ова се сметаат за поплави на столетието, посебно во горна Австрија, Тирол и Штаерска.
Со обилни дождови и поплави се бори и југоисточниот дел на Германија, каде засега двајца се исчезнати.Поплавите во јужните и источните делови на Германија синоќа достигнаа драматични размери поради поројните дождови, кои траат веќе неколку денови, јави ДПА.
Реките и потоците се излеваат од коритата, евакуирани се илјадници лица, а создаден е и кризен штаб. Состојбата е особено тешка во Пасау и Розенхајм, а многу училишта во Баварија денеска ќе бидат затворени. Во Пасау поплави со вакви размери не се евидентирани од доцниот среден век (1501 година).
Во Чешка е регистрирана една жртва на поплавите, а во Прага започна поставувањето на заштитни вреќи со песок.Чешката Влада од синоќа во 21 часот прогласи вонредна состојба во целата земја, со исклучок на Пардубицкиот регион, кој се наоѓа северно од Прага, јави дописникот на МИА од чешкиот главен град. Во пониските делови од земјата во тек е евакуација на населението. Поплавите во Чешка однесоа два животи, а четири лица се сметаат за исчезнати.
Трет степен, односно најголема опасност од поплавите е прогласена на 50 места, а десетина патишта и железнички линии се во прекин. Од изутринава не сообраќа метрото во центарот на Прага, а автомобилскиот сообраќај и јавниот транспорт е ограничен.
Училиштата и градинките се затворени, со исклучок на факултетите.