Дека Кирил Лазаров е ракометар од светска класа покажа во изминатава деценија и пол, а тоа го потврди и трансферот од Атлетико Мадрид во Барселона, но капитенот на македонската репрезентација реши да и’ открие на јавноста и друга страна од неговата личност. Рекордерот по бројот на постигнати голови на еден мундијал (Хрватска 2009) и на еден еврошампионат (Србија 2012) в петок напладне во „Сити мол“ ќе ја претстави својата прва автобиографска книга „Седум“ според бројот што му е заштитен знак.
Станува збор за книга со новелистички пристап, напишана и продуцирана во Шпанија во последните две години и во неа се опфатени неколку ситуации познати на јавноста, но опишани од поинаков агол. Акцентот е на последното патување и настапот со репрезентацијата на Светското првенство во Шпанија годинава, потоа на настапите со Атлетико на завршниот турнир од Лигата на шампионите во Келн лани и предминатата година, а има дел и за преминот во осумкратниот европски првак Барселона.
Најдобриот македонски ракометар реши да го промовира своето литературно првенче меѓу двете последни средби од квалификациите за Европското првенство 2014 во Данска против Швајцарија в среда во Цирих и со Португалија в недела во Скопје.
Утрински Весник