Очекуваме најмалку 10- процентно зголемување на цените на хрватските производи во Македонија заради влезот на Хрватска во Европската унија. Ќе поскапат тутунските, млечните и земјоделските производи од Хрватска, но не и македонските на хрватскиот пазар, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини по денешната средба со хрватскиот амбасадор во Македонија Златко Крамариќ.
Појасни дека цените на хрватските производи кои се увезуваат во Македонија и во сите поранешни југословенски републики ќе се зголемат бидејќи околу 40 проценти од производите кои се извезуваат од Хрватска во овој регион ќе бидат предмет на царина и на квота.
– Во индустрискиот сектор нема да има никакви промени затоа што со ЕУ веќе имаме целосна либерализација, а со Хрватска тоа го имавме постигнато и во рамките на ЦЕФТА договорот. Промени ќе има во земјоделскиот сектор, односно 30 проценти од вкупниот земјоделски извоз во Хрватска, ќе биде целосно либерализиран и нема да биде предмет на царина или на дополнителни квоти.
– Промени ќе има во делот на извозниците на вино затоа што се зголемува квотата од 6.700 тони на 8.100 тони, како и во делот на тутутнот и тутунските производи. Од денеска па во иднина нашите компании кои извезуваат тутун и тутунски производи во Хрватска нема да плаќаат царини, нема да има квоти и извозот ќе биде целосно слободен, нагласи Сарачини.
– Република Македонија ќе има бенефит од влезот на Хрватска во Европската унија, не само економски гледано туку и политички зашто добиваме вистински пријател кој станува земја челнка на ЕУ што добро ги познава нашите проблеми. Очекуваното 10-процентно зголемување на цените на хрватските производи во Македонија за нас е позитивен сигнал. Хрватските компании ќе се обидат да инвестираат во Македонија и да отворат фирми тука се со цел да ги искористат бенефициите што ги нуди ЦЕФТА договорот и да извезуваат во земјите од Западен Балкан и земјите членки на ЦЕФТА, посочи Сарачини.
Економски