Гајба домати колку четврт бурек – ама парите ги земаат прекупците, земјоделците со празни раце


На Пазарот на големо во Струмица веќе неколку дена градинарските култури се откупуваат по багателни цени. Ова се однесува особено на доматите, краставиците, пиперките и бостанот. Нивната цена изнесува од 4 до 10 денари за килограм, или една гајба со домати со тежина од 10 килограми се продава за 50 денари, пишува Утрински весник.

p„Тука сум четврти ден. За среќа, имав само 500 килограми домати и успеав да ги продадам, ама по многу ниска цена. За половина тон домати добив само 2.500 денари. Со тие пари не можам да ги покријам трошоците само за превоз и за храна за изминативе три дена“, вели Ѓорѓи Ѓорѓиев, земјоделец од село Баница.

Земјоделците и самите се чудат како струмичките градинарски производи на пазарите на мало во Скопје и во другите градови во државата се продаваат и за десет пати повисоки цени. Според нив, цените ги ѕидаат трговците, кои намаленото производство го користат за добро да заработат.

„Реално, нашата заработувачка од еден килограм домати е до 5 денари, доколку ги продаваме за 25 до 30 денари за килограм. Трговецот на цената има пет денари трошок за превоз, што значи дека тој од еден килограм домати заработува над 20 денари. А, со сегашниве ниски откупни цени нивната заработувачка е многу поголема. Така е и со другите култури. Ние сме немоќни против трговците, бидејќи од нив зависиме дали ќе ни го откупат производството или не“, велат производителите, кои чекаа купувачи на Пазарот на големо во Струмица.

На ваквата состојба вчера реагираа од Сојузот на синдикати на земјоделци. Оттаму се повикуваат на член 37 од Законот за земјоделство и рурален развој и бараат Владата да изврши интервентна стабилизација на пазарот и да откупи дел од градинарските производи.

„Ги повикуваме ресорниот министер и Владата веднаш да извршат интервентен откуп на најмалку 2.000 тони домати, како и одредени количини пиперки и бостан и да ги субвенционираат нивните откупни цени до висината на производствените цени на чинење“, побара Ристо Велков, претседател на УО ССЗ.

Utrinski Vesnik

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1